Наслов

Нутри потреби за Бебуши

За вашето дете да стане јако како Супермен и паметно како Ајнштајн, подобро обрнете внимание на оброците кои му ги служите уште од најрана возраст. Тие треба да бидат идеално избалансирани, односно да влучуваат продукти кои се богати со хранливи материи неопходни за здравиот раст и развој на бебињата.

За здрава и урамнотежена исхрана на бебињата и малите деца им се потребни протеини, јаглехидрати, масти, витамини, минерали и вода.

Протеините се основна нишка на живите суштества
Протеините или белковините се составени од една или повеќе нишки на есенцијални и неесенцијални аминокиселини. Месото, рибата, сојата и млечните производи ги содржат сите есенцијални аминокиселини. Исто така и мешунки како кикириките и семките од тиква се одличен извор на протеини.

Со месото и млечните производи се стартува на околу 7 до 8 месеци, на 10 месеци се додава рибата, со навршена година може да се вметне и сојата, а кикириките и останатите јатки и семки, првично во форма на путер или масло, се додаваат подоцна односно накај 2 години поради можната опасност од алергии или давење. 

Јагленохидратите покрај мастите се стабилен извор на енергија
Покрај потребната енергија која им ја даваат на децата, јагленохидратите содржат растителните влакна кои се одговорни и за правилната работа на цревата. Постојат два вида на јагленохидрати, шеќер и скроб.И двата вида во природна форма се незаменливо поздрави во однос на рафинираните.

Компир, ориз, тиква, банана, пченка, овес, брокула, морков, јаболко, круша, слива се даваат уште кога се стартува со дохрана (обично околу 6 месеци), додека на листата има и многу други продукти кои понатаму можете да му ги менувате на вашето бебенце.

Мастите освен што даваат енергија се и чувари на здравјето
Бебешките оброци треба да содржат повеќе незаситени, а помалку заситени масти, бидејќи цело е кога има се, нели?

На телото му се потребни масни резерви со цел да се спречи брзото и прекумерно губење на телесната температура, што знае многу брзо се случи кај бебињата. Храната која е богата со масти обично ги содржи и витамините А, Д, Е и К, бидејќи мастите се одговорни за транспортот на овие липосолубилни витамини.

Заситените масти се наоѓаат претежно во продуктите од животинско потекло, додека пак незаситените масти се наоѓаат во масните риби (пр. лосос) и продуктите од растително потекло како маслинките (кои се воведуваат до првата година), семките, јатките (кои подоцна се воведуваат кај децата и покрај нивната високо хранлива вредност) како и нивните ладно цедени масла.

Всушност, зголемената конзумација на транс масти (оние "нездравите" кои се присутни во маргарините на пример) може да го покачи холестеролот и да предизвика срцеви заболувања кај децата.

Од продуктите кои содржат заситени масти, особено во првите три години од животот на детето, се препорачуваат полномасно млеко, несолено сирење или кашкавал, но при подготовка на оброците подобро е да се избегнуваат продуктите како путерот, а да се користи маслиново масло. 

Витамини и минерали за балансиран организам
Педијатрите обично препорачуваат дека во првите две години од животот децата треба да примаат додаток од витамини. Сепак, оние деца кои имаат можност да конзумираат свежа храна, млечни и месни производи во доволни количини, немаат потреба од синтетички витамински додатоци. Единствено задолжителен витамин за бебињата и малите деца е витаминот Д кој обично недостасува во зимскиот период од годината, а е непоходен за правилен развој на коските.

Водата како најпожелна течност за телото и мозокот
За бебињата и малите деца храната е многу важна, но течностите се најважни. Бебињата губат повеќе вода преку бубрезите и кожата за разлика од возрасните. Затоа е исклучително важно да се осигурате дека вашето бебе не е дехидрирано со тоа што ќе ја следите неговата фрекфенција и количество на мокрење.

Проверувајте дали бебето или детето прима доволно течности, особено во топлите денови, кога најдобро е да ги конзумира преку прочистена вода и млеко. Доколку бебето одбива да пие вода, тогаш пробајте со свежо цедени незасладени сокови разредени со вода, бидејќи шеќерите можат само да ја интензивираат жедта. 

03 Ноември 2012

За авторот