Најдобри пијалоци за децата спортисти

И покрај многуте дискусии за тоа кои течности се најдобри за хидрирање на спортистите и многуте производи кои се присутни во маркетите, сепак, природно си е природно, што значи дека секогаш треба да целите кон што поприродни течности особено кога се работи за популацијата во развој. 

Од постоечките статии кои ја обработуваат оваа тема, повеќето се насочени кон тоа како децата спортисти треба да внесуваат повеќе течности за да не дехидрираат, што е нормално, но уште поважно е што пијалоците кои тие ги нудат како опција се веќе готови производи кои во позадина содржат многу вештачки шеќери, конзерванси и/или стабилизатори кои сигурно не би сакале вашето дете да ги конзумира секојдневно. Во прилог се оние поприфатливите природни замени, особено за секојдневна употреба…

Вода 
Како прво и основно средство за хидрирање. Нашите тела се сочинети од 70% вода, така што при потење се губи дел од таа концентрација. Спортистите треба константно да пијат вода, а не само пред и по физичката активност. Водата го транспортира кислородот и глукозата низ целото тело и им помага на мускулите да останат флексибилни и јаки, а зглобовите ги одржува агилни и подмачкани. 

Домашни спортски напитоци
Спортската нутриционистка Барбара Левин која работи како професионалец со Олимписки спортисти, како и со обични луѓе кои сакаат да вежбат, има една здрава домашна алтернатива на спортски напиток.

3 и пол чаши вода
1/4 чаша цеден сок од портокал
1/4 чаша јаворов сируп
1/4 лажиче сол (пожелно крупна морска или хималајска сол) 

0.25 литри од овој напиток содржи 50 калории и 110мг натриум.  

Домашен ладен зелен чај
Кога сме кај енергијата и будноста, ништо не е подобро и поздраво од природниот зелен чај, оладен на собна температура. По потреба може да се заслади и да се конзумира пред, по или за време на физичките активности, но не и пред спиење. 

1 литар вода
3 лажички квалитетен зелен чај (по можност од органско потекло) 
1 дрвена лажица мед/јаворов сируп/агаве сируп
1/2 лажица ѓумбир во прав 
1 лимон 

Водата се загрева до околу 80 степени и во неа се става зелениот чај да отстои не повеќе од 3-4 минути. Кога ќе се олади, ќе додадете мед, ѓумбир и сок од лимон.

Високо-квалитетни додатоци за хидратација
На пазарот постојат квалитетни додатоци за водата која ја конзумираат спортистите (во форма на шумечи таблети, прашоци и слично) кои овозможуваат поефективна хидратација на организмот, односно максимално искористување на внесената вода без загуба на електролитите и витамините. Проверете кои се најдобрите опции кои можете да ги набавите локално или преку интернет.