Шуми кид

Вашето дете сака да вози тркачки автомобил, но возраста го оддалечува од неговите педали? Понудете му одлична адреналинска забава со тоа што ќе го однесете на картинг. Картингот е појдовна точка на повеќето професионални тркачи со спортски автомобили.

Картингот е отскочна штица за повеќето професионални тркачи со автомобили. Седумкратниот првак во Формула 1, Михаел Шумахер, својата тркачка кариера ја има започнато со картинг. Исто така и Џеф Гордон, Тони Стујарт и многу други возачи на NASCAR и Формула 1, започнале со возење на картинг во детството.

Картинзите имаат помали шасии, мотори и гуми од останатите тркачки автомобили, но сепак можат да достигнат брзина од над 120 километри на час.

Како да го воведете детето во картингот?

Прв чекор
За почеток одведете го семејството на некоја картинг трка во локалниот картинг клуб. Така ќе имате можност да ја гледате трката, но и да си помуабетите со веќе напредните тркачи за нивното искуство.

Информации за правилата, моторите и класите можете да добиете од интрукторите, тркачите или од бирото за информации при регистрација. Повеќето тркачки патеки имаат технички прирачник со подетални информации за самата патека, така што прирачникот можете да го набавите на лице место.

Втор чекор
Постојат многу книги за картинг, но неколку се одлични. Прочитајте ги! Прочитајте сè што ве интересира во врска со картингот. Денес интернет мрежата нуди многу информации за многу теми кои нè интересираат, па ни картингот не е исклучок.

Непосредно пред да го пуштите вашето дете на картинг возење треба да одлучите дали ќе изнајмите картинг возило од самиот клуб или ќе купите свое картинг возило и опрема.

Доколку се решите да купите сопствено картинг возило видете дали е подобро да купите ново или веќе користено. Најчесто користените картинг возила не држат чекор со најновите достигнувања во технологијата.

Доколку купите картинг возило тогаш убаво би било да го запознаете детето со новата опрема на некое безбедно место како празен паркинг или двор. Бидете сигурни дека вашето дете научило како се стартува и како се гаси моторот, како се кочи и како се забрзува.

Исто така, детето треба да ја научи правилната сигнализација при возење како на пример подигнување на раката за останатите учесници да знаат дали се вклучува во патеката, односно дали забавува.

Напредување
Секој картинг клуб има свои скалила кои децата ги достигнуваат при напредокот. Но во кој и да е клуб, секако дека децата постепено учат и напредуваат. На почетокот децата во помали групи учат теорија за картингот од инструктор кој е веќе експерт за картинг.

Пред да излезат на патеката децата мора да научат зошто е потребна и како се користи заштитната опрема, како се вклучува и исклучува моторот. Исто така, се учи и значењето на различните знамиња кои се користат на патеката.

По часот за безбедност децата добиваат можност да извозат еден круг на патеката. Така ќе возат се додека не бидат подготвени да преминат на следното ниво.

Во следниот степен децата учат за тркачките линии, како да достигнат соодветна брзина со возилото и возат на патеките постигнувајќи повисоки брзини.

Последниот степен е кога децата се подготвени за првата трка и првото првенство. Овие првенства најчесто се две, пролетно и есенско првенство.

Картинг трки
Картингот е најлесен мотоспорт, особено за младите децата кои сеуште не можат да добијат возачка дозвола. Со картинг може да се започне и од 8 годишна возраст. Денес постојат повеќе картинг клубови кои изнајмуваат картинг возила и имаат одлични картинг патеки.

Картинг трките најчесто се во категорија спринт или издржливост.

Спринтот е серија од кратки трки од неколку круга и се вози со голема брзина. Овие трки најчесто се одржуваат преку ден и во нив може да учествуваат деца од 8 години па нагоре.

Трките од категоријата издржливост се повеќе трки и обично вклучуваат двајца или повеќе возачи од секој тим. Овие трки претежно се потпираат на стратегија.

Каллива трка
Оваа картинг трка се вози на кружни асфалтирани патеки со кал и вирови вода. Овие замки, калта и водата, се одлични предизвици особено за време на ноќта. Овие трки ги возат деца од 8 години па нагоре.

Enduro Racing се трки кои што се одвиваат на големи асфалтирани патишта. Овие трки ја тестираат издржливоста како на возилото така и на возачот. Ваквите трки најчесто траат 45 минути. Тука најчесто се натпреваруваат искусни возачи и не се препорачливи за почетници. Може да учествуваат деца од 12 години па нагоре.

Картинг за најмладите возачи. Овие картинзи се дизејнирани за деца од 4 до 7 годишна возраст. Со овие картинзи најчесто се возат спринт трките каде што најмладите возачи ги развиваат своите возачки вештини во безбедна околина.

Безбедност
Во секој мотоспорт постојат ризици, но картингот се смета за еден од најбезбедните мотоспортови. Повеќе организации имаат спроведено правила за заштита на тркачите.

Спринт картинзите на пример се тестирани со FIA crash test. На овие возила каросеријата им е дизајнирана да ги апсорбира ударите. Enduro картинзите имаат двоен систем за сопирање. Картинзите за кружните трки имаат посебно дизејнирана каросерија за да се заштитат нозете на возачите. Исто така, непосредно пред трката се проверуваат сите картинг возила. Секако, и тркачите мора да имаат соодветна заштитна опрема.

Заштитната опрема на тркачот вклучува: возачко одело, заштитна кацига, ракавици, возачки чизми и заштита за вратот.

Без разлика дали вашето дете сака да стане професионален тркач или пак само сака повремено да вози картинг, доколку детето ја сака брзината, овозможете му да ужива во картингот.

Мора да се напомене дека и покрај организациите кои се грижат за безбедноста во мотоспортовите, сепак постојат бројни истражувања кои даваат застрашувачки бројки за повредите и смртните случаи на деца инволвирани во овој подготвителен мотоспорт.