Малиот дрвен чопер

Слатки, мали, насмеани и сето тоа на две тркала! Незаборавни се деновите кога вашите најмили сами ќе се справат со рамнотежата, безгрижно вртејќи ги педалите. Сте се запрашале ли некогаш кога е право време за вашите деца да ја започнат авантурата со велосипед?

Доколку сакате вашите деца многу побрзо да ја совладаат умешноста да возат велосипед тогаш ќе ви помогнеме да го направите правиот избор за таа цел.

Исправени сте да изберете помеѓу  помошните тркала или баланс велосипед.

За првите знаете доволно, тоа е било кој велосипед со 2 мали тркала од страните на задната осовина кои во многу држави се нарекуваат “стабилизатори”.

Со нив детето се чувствува сигурно бидејќи велосипедот е стабилен, но кога ќе се извадат “помошните” потребата за одржување баланс е неопходна.

Тука почнува потешкиот дел, слатките почетнички модринки за некои деца може да делуваат фрустрирачки и да ги оддалечат од овој извонреден изум за рекреација и спорт.

Баланс велосипедот можеби е понов тренд за децата, но тој датира уште од 1817 кога германскиот пронаоѓач Карл Драјс го конструирал првиот велосипед познат како “dandy horse” и со него изминал 13 км дистанца за време од 1 час.

 

Интересно е што тој повеќе наликувал на денешните мини баланс велосипеди отколку на стандардните, така што всушност целата приказна за велосипедите почнала од тој концепт.

Овие велосипеди немаат педали, ниту пак сопирачки. Важно е големината да биде погодена за детето за да може убаво да застане со двете нозе на земја. Баланс велосипедите обично се наменети за деца од 1-6 години.

Останатото е одлична забава за вашето дете, најпрво со буткање на велосипедот а по усовршувањето, и негово управување со подигнати нозе.

Целта на баланс велосипедите е децата што поскоро да се конфронтираат со центрите за рамнотежа и координација и глатко да преминат на обичен велосипед без притоа да има потреба од помошни тркала.

Заради оваа способност тие веќе се популарни низ Европа, а брзо се шират и во Америка. Постојат разни производители на баланс велосипеди. Најчесто се произведуваат од дрво и метал а нивната продажба расте со голема брзина.

Како посебно интересни можеме да ги издвоиме дрвените модели кои покрај својот штосен и сладок изглед на мини чопер имаат и еколошка позадина.

Секако, не сите се со добар квалитет, па затоа пред да му купите ваков велосипед на вашето дете земете ги во предвид следните совети за споредба:

Каква е конструкцијата – е она на што прво треба да обрнете внимание.

Некои евтино изработени модели ќе ги забележите и на прв поглед, но на некои им треба неколку месеци на употреба за да го покажат своето право лице.

Затоа, проверете дебелината на рамот да не биде помала од 12 милиметри. Проверете од каква иверка е изработен велосипедот. Не се препорачува иверка од бреза, иверка од бука се смета дека е со подобар квалитет.

Дали поседува сертификат EN71

EN71  е еден од најригорозните сертификати за играчки во Европската Унија што значи дека велосипедот поминал низ многу тестови кои меѓу другите работи вклучуваат и каква е нивната безбедност, дали содржат токсични материјали и каков е интегритетот на нивната конструкција.

Доколку велосипедот го заслужил овој сертификат тогаш можете да го ставите во листата како потенцијален кандидат за купување.

Седиштето на велосипедот треба да има неколку нивоа на адаптирање. Треба да има ергономски дизајн и да понуди удобност.

Гумите/Тркалата се многу важни за безбедноста на велосипедот. Обично производителите на велосипеди користат три вида гуми и тоа тврда пластика, пнеуматици и ЕВА кои се понова иновација на ЕУ.  Од горенаведените, пластичните се најлош избор, пнеуматиците се добри но може да ви се издишат кога најмногу ви требаат, додека ЕВА се најпрепорачливи за деца бидејќи не можат да издишат, не оставаат траги, а нивната структура прави да имаат слично чувство како кај пнеуматските гуми.

Управувањето треба да биде ограничено за да придонесе до стабилноста на вашето дете, а со тоа и да го спречи од евентуални падови од велосипедот.

Останати работи на кои треба да се обрне внимание се:  достапноста на резервни делови, едноставноста на склопување, дали користат еколошки бои и лакови, понуда на интересни додатоци како и мислење од поголемите продавачи.

Ваше е дали ќе се одлучите за баланс велосипед, но овој дрвен чопер дефинитивно ќе понуди одлична рекреација и предизвик за вашето дете и за вас, а притоа ќе мами погледи од случајните минувачи.