Малиот Дарјан скија на 3 годинки

Одлична мотивација за сите родители што порано да го пуштат своето мало детенце да ги испитува снежните спортови бидејќи Дарјан, како што тргнала работава веќе на три години знае како „дишат“ скиите на кои малиот лизга. 

Во случајно пребарување на интернет џунглата наидовме на едно видео од оваа сезона на наше мало детенце кое има три годинки, а веќе солидно се снаоѓа на поблагите скијачки патеки. Го исконтактиравме неговиот дедо, Жарко Трпкоски инаку скијачки инструктор кој беше желен да ни објасни како одел прогресот на малиот Дарјан Пановски. 

Малиот за првпат го ставиле на скии минатата зима, кога тој имал 2 години, чисто да го „почувствува“ снегот и скиите. Заедно со неговата мајка која е исто така инструктор започнале полека и постепено да го пуштаат да се лизга на рамна падина. Тоа биле првите три дена, после кои следеле уште неколку на Боровец каде што исто така малиот скијал на рамна падина. 

Оваа година, откако Дарјан наполнил веќе три години тој заедно со неговиот дедо биле на скијање во Златибор кадешто 3 дена Дарјан скијал по неколку часа на ден и целосно самостојно (без физички контакт со инструкторот) малиот бил во можност да „управува“ т.е. да прави плужни завои лево и десно, да кочи и да избегнува препреки. Сето тоа единствено со говорна помош од инструкторот. 

Во краток разговор со неговиот инструктор (дедо му Жарко) тој ни кажа дека што порано детето почне со запознавање на скијањето (≈2 години) низ педагошки пристап и игра и во зависност од капацитетот за учење и прфаќање на советите од инструкторот малите скијачи многу лесно напредуваат. 

Исто така од исклучителна важност е опременоста на ски-центарот со соодветни лифтови за најмалите затоа што доколку не постојат истите потешкотиите за качување би го одвратиле детето од скијањето. Како помагала пак се користат Easy Wedge – еластична врвка која ги спојува врвовите на скиите и не оневозможува да му се „отвори“ предниот дел на скиите во V – позиција која води до пад и Ski harness – „мрежен“ појас кој се поставува на половината на телото, а со траки од 2-3 метри инструкторот го придржува од назад детето и му ја контролира брзината ако има потреба.

Нека ова биде добра мотивација за сите родители што доколку се во можност што порано да започнат со пуштање на нивните најмили во практикување на било каков спорт. 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија