Како децата да го надминат стравот од вода

Храбрите пливачи

Многу деца имаат страв да пливаат и да ја почувствуваат водата како природна средина. Доколку сте забележиле дека вашето дете има проблем со водата и се двоумите како да му помогнете, прочитајте ги следниве неколку совети. Можеби ќе добиете некоја идеја плус. 

Без оглед на причината која предизвикала аквафобија кај детето, треба да се знае дека соочувањето со стравот може да биде долготраен, но не и ненадминлив процес.

Одговорноста, соодветната заштита, трпението и правилниот пристап на родителите или стручните лица се од клучна важност за да се победи оваа честа состојба кај малите деца која може да се провлече и во подоцнежните години. За жал, понекогаш стравот од родителите се пренесува и на децата.

Доколку сами сакате да му помогнете на детето, тогаш треба постепено да го воведете во вода, смирено, позитивно и без притисок. Преку разговор може да дознаете што точно му предизвикува страв, а со тоа да и одредите правилна стратегија и пристап. Важно е на вашето дете да му создадете позитивна и пријатна слика, бидејќи штом сфати дека реакцијата му е претерана, и дека може да ужива во искуството, тоа ќе почне позитивно да го менува својот однос кон водата.

Затоа, започнете уште кога го капете во када или во корито. Наполнете ја кадата со малку вода. Овозможете му на детето само да се полева со вода без да користите млаз од туш. Така полесно ќе се навикне на водната средина.

Децата најлесно се опуштаат преку игра, затоа гледајте да ги занимавате на најразлични начини. Бидете инвентивни, користејќи очила за нуркање или маска за забава, само за да ги охрабрите и поттикнете.

Многу деца имаат проблем да ја нурнат главата под вода. Некои инструктори по пливање користат техника на мрморење додека децата гњурат, при што од устата излегуваат балончиња и се превенира голтање на водата.

На плажа, базен или пак во воден парк, детето треба да користи помагала за пловење во вода. Со нив секако ќе се чувствува побезбедно. Денес има голем избор на појаси, мускули, гуми, даски за пливање се со цел на децата да им биде попријатен престојот во вода и полесно да научат да пливаат. Но гледајте помагалата да се соодветни за возраста на детето.

Доколку ги гледа останатите деца како се забавуваат во вода и тоа може ќе посака да биде дел од нив. Децата надминуваат многу стравови само за да бидат со своите пријатели и да се забавуваат, па затоа овозможете му што поголема социјализација од ваков вид.

Притоа бидете внимателни и проценете дали тие деца се спремни за соработка и помош или пак само ќе ја влошат ситуацијата на вашето дете со несоодветно однесување.

Доколку вашите обиди за помош не го решат проблемот кај детето, тогаш препуштете им го тоа на професионалците. Информирајте се каде има школо за пливање со искусни инструктори во оваа област кои се спремни да помогнат, а притоа детето може да се консултира и со психолог за поедноставно и побезболно да ја надмине аквафобијата.

Се разбира, тоа нема веднаш да стане Фелпс, но не се откажувајте! Дадете им до знаење на вашите деца дека сте горди на нив, бодрете ги, бидејќи така им помагате да ја градат самодовербата и полесно ги надминуваат стравовите во иднина.

Кога детето ќе реши да се соочи со водата, тоа нека биде самостојно и без форсирање. Бидејќи кога храбриот пливач ќе се опушти во водата, ќе се прашувате како да го извадите од неа.

Но, секогаш земете ги во обзир потенцијалните опасности кои ги носи водата и надгледувајте го детето внимателно, дури и кога ќе стане подобар пливач.