Емпатија: Најважната подготовка за училиште

Една од најважните подготовки за училиште не ја собира во училишниот ранец и нема опција за онлајн нарачка, но е есенцијална и незаменлива како молив. Како кутија со боици може да ја има во многу бои и со неа може да го опремиме секој ученик. А со тоа може да го промениме светот на секое дете.

Замислете ја следната сцена. На игралиште, 6 годишно дете паѓа од лулашка и почнува да плаче. Некои од децата се смеат, некои го вртат погледот на страна. Едно дете дотрчува да му помогне. Емпатична реакција полна со грижа и љубов.

Дали ова дете ја научило оваа вештина или има вроден капацитет за емпатија? Одговорот е и двете. Според Vicki Zakrzewski постои силна релација помеѓу социјално-емоционалното учење и когнитивниот развој. Таа додава дека децата веќе на 18 месеци покажуваат сочувство, емпатија и алтруизам. Тие вештини се дел од нив, но во исто време тие треба да се негуваат, бидејќи средината може да го инхибира нивниот развој.

Со други зборови емпатијата како и мускулот е присутна, но за да се манифестира потребно е да се вежба и станува се поцврста колку повеќе се вежба. Тоа е мускулот кој ни овозможува да завземеме став и да се бориме за нешто.

Daniel Goleman вели дека емпaтијата е еден од петте елементи на емоционалната интелигенција. Таа е една од најважните вештини кои треба да се негуваат кај децата. За неа психолозите велат дека е основата на просоцијалното однесување. Со неа се прегрнуваат различностите, се учи како да го разбереме другиот до нас, се стекнува пријателство, а воедно се градат и одржуваат позитивни и длабоки релации базирани на доверба, се комуницира поефективно, се постигнува академски успех и се гледа глобалната рамка.

Емпатијата започнува кога ќе се ставиме себеси во чевлите на некој друг. Клучниот чекор е разбирање и вреднувањето на перспективите кои се разликуваат од нашите. Кога гледаме дека некој е во болка а ние го имаме истото чувство “in our gut”, кога гледаме дека некој има проблем и сакаме да му помогнеме, тоа е емпатија.

Воспитувањето на емпатични деца можеби изгледа како предизвикувачка работа но всушност е едноставна. Децата по природа се емпатични.

Родителите се првите и најдобри учители по емпатија на своите деца. Може да го земете во предвид следниот фитнес план за вежбање на емпатија:

1 Чекор: Подготовка

Создадете средина и услови каде емпатијата може да царува, идентификувајте како емпатијата изгледа во вашите реакции, интерпретирајте ги емоциите на другите околу вас, моделирајте.

2 Чекор: Вклучување

Групна игра: Емпатијата започнува на игралиште, каде децата се слободни и каде може да научат да ги разрешуваат сами своите конфликти и да воведат свои правила.

Раскажување приказни: Приказните ги предизвикуваат нашите предрасуди и со нив доживуваме искуства поразлични од нашите.

Потопување: Потопоувајки се со искуствата на другите, гледаме подалеку од нашите ограничувања и стереотипи и се менуваме од проекција во длабоко разбирање.

Разрешување проблеми: Договорот за соработка ја гради емпатијата преку споделени предизвици и победи.

3 Чекор: Рефлектирање и акција

Идентификување на сличности и разлики: Препознајте ја хуманоста и разберете и почитувајте ги одлуките на другите.

Поттикнете храброст: Избегнете го величењето на правилното однесување – поттикнете ги децата да се справат со силите кои им застануваат на патот. Овде “standing up for something” влегува во игра.

Овозможете акција: Креирајте можности низ кои децата може да ја изразат својата емпатија и вежбајте про-социјално однесување наменето за корист на другите околу вас.

Акцијата го комлетира кругот! 🙂
 

Зорица Николова (Авторката е дел од детската академија Бреинобреин Европа)

Текстот е објавен во уличното списание ЛицевЛице број. 22