Нашата најуспешна млада каратистка

Ексклузивно интервју со Владанка Аврамова

Продолжуваме со серијата интервјуа на млади таленти од Македонија. Овој пат дел од своето време за тимот на karas4training.com издвои надежната десетгодишна каратистка Владанка Аврамова од Кавадарци чиј талент, напорна работа и посветеност дефинитивно дава резултати. 

К4Т – Зошто го одбра каратето како спорт?
ВА – Го одбрав каратето веројатно што тоа е секојдневие во нашата фамилија, мојата мајка била каратиска, сега е Судија и тренер со светска лиценца, можеби едноставно тргнав по нејзините стапки, но сега кога пак би требала да изберам, без разлика на се, јас пак би го избрала каратето.

К4Т – Од колку години почна да тренираш?
ВА – Почнав да тренирам од седум ипол години.

К4Т – Дали твоите родители те поддржуваат во тоа што го правиш?
ВА – Најголемата подршка ја имам од моите родители, мојата мајка која е и мој личен тренер, и мојот татко кој ми ги овозможи сите услови почнувајќи од покривање на сите трошоци за учество на натпревари во Македонија и во странство, па се до правање на мала сала за мене, со сите потребни услови, татами и опрема, каде што јас можам непречено и секојдневно да вежбам.

К4Т – На колку натпреварувања си учествувала?
ВА – Се натпреварувам две години, а сум учествувала на триесетина натпревари во Македонија и десетина во странство.

К4Т – Кои се твоите најголеми достигнувања досега?
ВА – Веќе две години по ред 2011 и 2012 година сум прва Наградното карате првенство за деца во кати индивидуално и кати екипно, Исто така сум две години првак на државно училишно карате првенство.

Од меѓународни натпревари би ги издвоила:
Златен појас на Чачак – 31.03-01.04.2012 Чачак, Србија каде освоив златен медал кати и борби поединечно и ката тим
Плевлје опен – 03.11.2012 година, Плевлја, Црна Гора – златен медал кати поединечно и ката тим
Трбовлје опен – 15.12.2012 година, Трбовлје, Словенија – златен медал кати поединечно.

Но како мое најголемо достигнување би го издвоила што успеав да влезам меѓу 12 млади талентирани деца од 11-14 години од Македонија во кати, и имам чест да ме тренира Селекторот на Српската репрезентација, Петар Косановиќ.

К4Т – Имаш ли посебни подготовки пред натпреварите?
ВА – Покрај тренинзите во мојот клуб, еднаш месечно имаме викенд поготовки со тренерот на Српската репрезентација, Петар Косановиќ. Посебни подотовки ќе следат за време на зимскиот распуст, бидејќи треба да се подготвиме за Државно и Балканско првенство кои следат во 2013 година.

К4Т – Во кој клуб тренираш и кој ти е тренер?
ВА – Тренирам во КК Кожув – Кавадарци а тренер ми e Ивана Аврамова а пред година дена тренирам и со тренерот на Српската репрезентација во кати, Петар Косановиќ.

К4Т – Колку пати дневно/неделно тренираш?
ВА – Тренирам секојдневно а понекогаш и двапати на ден.

К4Т – Се занимаваш ли со друг спорт/активност освен со карате?
ВА – Не, тренирам само карате, бидејќи ако сакам да бидам успешна морам да се посветам целосно, а тренинзите бараат максимална енергија, но ако би имала време би тренирала и тенис кој е еден од моите омилени спортови.

К4Т – Која категорија/категории најмногу ти одговара?
ВА – Јас се натпреварувам во кати поединечно, кати екипно со мојот тим Миа Маневска и Ивона Муфтарова а понекогаш и во борби. Иако еднакво го сакам и тимскиот настап, сепак поединечниот повеќе ми одговара бидејќи во поединечниот настап се зависи од мене самата, од мојата изведба, од тоа колку сум спремна за тој натпревар.

К4Т – Која ти е омилена ката/удар?
ВА – Моја омилена ката е Ганкаку каде што е и омилениот ножен удар јоко гери.

К4Т – Имаш ли идол во каратето?
ВА – Мој идол во каратето е Марија Маџаревич од Србија, освојувач на бронзен медал на Европско и Светско сениорско првенство во кати поединечно.

К4Т – Кој натпревар досега ти оставил најголем впечаток и зошто?
ВА – Иако секој освоен медал е мој голем успех и се радувам подеднакво, сепак ако би требала да издвојам тогаш Златен појас на Чачак кој се одржа по 41 пат, со 93 клубови и преку 1000 натпреварувачи, каде што јас освоив златен медал во кати поединечно, борби поединечно и нашиот ката тим со Ивона и Миа беше прв.

К4Т – Кои натпреварувања следат?
ВА – Во 2013 година следи Државното првенство кое треба да се одржи во февруари а потоа на 29,30,31 март во Крагујевац, Србија е Балканското првенство кој е најбитниот натпревар за мојата возраст.

К4Т – Би сакала ли професионално да се занимаваш со карате?
ВА – Се надевам дека желбата и љубовта која сега ја имам кон каратето ќе остане и понатаму и еден ден јас ќе успеам да се закитам со сениорски медал на Европско и Светско и ќе бидам тренер на КК Кожув.

 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија