Болдеринг - комплетна активност за вашите деца

Дипломиран Спајдермен

Доколку вашето дете често ужива да виси на гранки и да се качува по сè и сешто и омилен цртан лик му е Спајдермен тогаш сигурно ќе треба да го насочите кон болдеринг. 

Болдерингот е слободен стил на качување по карпи за што не е неопходно безбедносно јаже. При болдеринг во природа се искачуваат стабилни карпи во висина од 2 до 5 метри, но се препорачува теренот под карпите треба да биде воглавно рамен, од кал или трева, без шилести камења за да се осигура што побезбеден пад.

Вештачките карпи за болдеринг се монтираат во урбани средини на отворено или пак во затворени сали. Добра финта е кога болдеринг карпите се монтираат над базен бидејќи до некаде падот е побезбеден, а и поинтересно е самото качување бидејќи носи двојно задоволство. Се разбира, првенствено искачувачот треба да биде и добар пливач.

Како да го подготвите вашето дете за болдеринг?

Стапете во контакт со локалните клубови и однесете го на пробно качување за да ја почуствува атмосферата додека Вие ги следите неговите реакции за време на тренингот и по него. Доколку детето задржи интерес за време на часот, а потоа со воодушевување Ви раскажува и изразува желба повторно да проба, тогаш вашиот мал спајдермен ја сплетол пајаковата мрежа.

Нареден чекор е да му набавите соодветна опрема, почнувајќи од специјализирани патики за качување (иако може да се помине и босо во летниот период). Доколку се одлучите за обични патики, гледајте барем да имаат што потенок еластичен и нелизгав ѓон за да се обезбеди подобро чувство на прстите и на ногата воопшто при качувањето.

При болдеринг на отворено потребна е подлога за ублажување на падот, која се поставува под карпата за да го заштити детето од повреди. Салите на затворено обично веќе имаат заштитни подлоги за истата намена, но нема штета ако се додаде уште еден слој.

Исто така, неопходна е креда која се нанесува на рацете и ја апсорбира потта, со што се спречува лизгање и плускавци на дланките.

Кацигата е неопходна само при искачување на вистински карпи каде може да има опасност од одрони.

Основни помагала за прва помош се добродојдени, бидејќи плускавците и гребаниците се честа појава кај болдерингот.

Со соодветен тренинг детето ќе научи како безбедно да се искачува, како да ја користи опремата, но ќе го научи и искачувачкиот бон-тон.

Пред да се започне со искачување, доброто загревање и истегнување е неопходно за да се раздвижат зглобовите и мускулите, како и да се подобри нивната флексибилност. Загревањето може да биде со специфични вежби за целото тело, со трчање, скокање на јаже или било кој друг вид на кардио вежби.

Без разлика дали се работи за природни или вештачки карпи, дали се на отворено или на затворено, искачувањето бара голема концентрација, го ангажира целото тело, особено рацете, грбот и стомачните. Ја подобрува силата во мускулите, нивната издржливост и координација.

Натпревари

Низ светот се одржуваат многу профи натпревари во болдеринг, но нас не заинтересира средношколската лига за искачување по карпи од Колорадо. Оваа лига го организира првиот државен средношколски натпревар во 2008/2009 година и од тогаш тој се одржува секоја година. Главна цел на натпреварот е средношколците да создаваат тимови каде меѓусебно ќе можат да се поддржуваат, каде се промовира безбедно и паметно искачување по карпи, и каде освен натпреварувачкиот дух децата исто така се забавуваат. 

Филозофијата на лигата е едноставна и практична, а се состои од следните начела:
– да се бодри тимскиот аспект на спортот;
– да се бодрат добро подготвените искачувачи;
– да се поддржат сите региони, школи и индивидуалци кои пробуваат да го развијат искачувањето како програма кај средношколците;
– да се организира настан лимитиран на најдобрите искачувачи во државата, но да им се отвори простор за натпреварување и на останатите деца;
– да се создаде систем кој ќе ги мотивира тимовите и индивидуалците да вклучуваат нови луѓе;
– да се зголеми свеста за искачување во средните школи;
– да се знае дека регионите, школите и тимовите се најкомпетентни при изборот на ученици со најголем натпреварувачки дух;
– да се запомни дека пред се, овие настани треба да бидат забавни. 

Секој натпревар поединечно нуди нови рути со различна тежина. Натпреварувачите имаат 3 часа да ги завршат најтешките насоки во болдеринг и искачување со јаже. Машките и женските деца посебно се натпреваруваат. 

Фокусот на лигата е да се привлечат што повеќе деца без разлика на нивните способности за искачување по карпи, со цел да се промовира и рекреативниот аспект на спортот. Сепак, позитивен исход за лигата е доколку децата останат мотивирани за постигнување на подобри резултати. 

За време на натпреварите децата не знаат какви ќе бидат насоките, но знаат колку поени носат. Исто така, не се ограничени да ги искачуваат само насоките од нивната категорија, бидејќи така се ослободени од психичкиот притисок дека не можат да искачат дадена тешка скала, а многу пати и самите се изненадени од своите позитивни резултати. 

Многу деца кои не се пронаоѓаат во традиционалните спортови го наоѓаат својот дом во болдеринг. Пристапот на натпреварите им го олеснува напредокот на децата, без го почувствуваат притисокот од тимските спортови и им ја дава можноста да се натпреваруваат без оглед на нивната моментална спремност. 

Овој пристап за спортување и активност кај децата би бил многу убав и корисен проект и во македонските средни училишта. Доколку училиштето нема можност да изгради вештачки карпи во својата сала, можат да организираат часови во салите каде што тие се веќе присутни. 

Скала на оцени

Во болдерингот има и скали за оцени. Првата скала за претставување на тежините на болдер проблемите ја составува Џон Гил. Тој воведува едноставна „В” – скала и еве како ги опишувал тежините:

В1: потребни се движења со висока техника – движења кои би биле оценети како VIII или IX по УИАА скалата;

В2: Движења кои ги допираат границите – највисоките технички тежини во качувањето на карпа (X по УИАА скалата во 1996 година);

В3: Успешно В2 качување кое не е повторено. Во моментот кога тоа ќе биде повторено автоматски добива оцена В2.

V – скалата

Џон Шерман ја создава денес користената V-скала која на болдер проблемите им дава фиксни оцени, за разлика од скалата на Џон Гил која беше менлива. Оваа скала започнува со оцена „V0-” која е еднаква на VI- по УИАА скалата и продолжува нагоре. И двете скали не ги земаат во обзир последиците кои би настанале при пад на тврда или нерамна земја под карпата.