Нер(В)итамин

Можеби малкумина од нас знаат дека благодарение на овој витамин нашите нерви комуницираат беспрекорно на работа, нашето срце чука како Швајцарија, а нашите мускули нè претставуваат во одлично светло на фудбал. Затоа покажете малку почит, и внесувајте го правилно и секојдневно.

Основни карактеристики
Тијамин, анти-берибери фактор, аневрин и нервен витамин се синоними за хидросолубилниот (растворлив во вода) витамин B1 кој спаѓа во групата на B-комплекс витамините. Тој бил првиот B витамин кој бил пронајден и претставувал една од првите супстанци кои биле именувани како витамини.

Апсорпцијата се врши во тенкото црево со помош на активен транспорт. Во организмот тој не се чува во големи резервни количини, па тие резерви може да се истрошат за две или помалку недели при негов дефицит преку исхраната.

Функција
Тијаминот ја игра неговата најважна улога како коензим во формата на тијамин пирофосфат (TPP). Како таков тој учествува во околу 25 ензимски реакции и игра исклучително важна улога во метаболизмот на јагленохидратите, мастите и протеините преку што се продуцира енергијата за сите наши потреби.

Оптималните количини на овој витамин овозможуваат правилна функција на срцето, нервите и мускулите. Тој учествува во продукцијата на ацетилхолинот кој претставува медиум преку кој се испраќаат нервните импулси, а исто така учествува во формирањето на миелинските обвивки на нервите кои делуваат протективно и со тоа на дополнителен начин ја подобрува нивната функција.

Витаминот B1 делува позитивно на нормалниот апетит и способноста за учење, ја подобрува циркулацијата, ги оптимизира меморијата и концентрацијата.

Витаминскиот недостаток на овој витамин ретко се сретнуваат во развиените земји, но може да се случи особено кај оние личности кои се малку повеќе по чашката, бидејќи алкохолот ја стопира можноста за апсорпцијата на овој витамин.

Доколку настане дефицит, тој се карактеризира со состојба наречена бери-бери. Луѓето кои патат од овој недостаток имаат симптоми како забрзано срцебиење, ментална збунетост, проблеми со мускулната функција и болки во нервите, депресија, главоболки и гадење.

Препорачани дневни дози
Препорачаните дневни дози на овој витамин се околу 1,5mg, а поради тоа што витаминот се раствора во вода и излачува преку урината практично не постои горна граница која не смее да се пречекорува, односно витаминот не може да биде токсичен.

Хранителни извори
Добри извори на овој витамин преставуваат полнозрнестите житарки, гравот, свинското месо, леќата, сувото грозје, рибата, аспарагусот и портокалот.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија