Куркумин – шах-мат за хронични болести?

Закоравени со црвениот пипер и манџите со запршка, не експериментираме доволно со туѓите миродии. Еве една состојка со која ќе сакате да зачините.

Вкусете ја индиската кујна заради силната антиканцерогена мешавина од зачини и мириси. Како пример земете го главниот зачин во индиската кујна – карито. Главна состојка на овој зачин која му ја дава силната жолта боја е всушност куркуминот, можеби и една од највредните негови состојки.

Оваа античка состојка на карито во последно време е една од најиспитуванните, но не за џабе и без плод. Всушност куркуминот се покажал како ефективен кај Алцхајмеровата болест, така што ја намалил инфламацијата и спречил формирање на амилоидните плаки во мозокот (главните виновници за загубата на меморија кај овие пациенти).

Антивоспалително дејство било забележано и кај пациенти со ревматоиден артритис, тетирани со куркумин. Биле намалени болките и вкочанетоста во зглобовите и пациентите се чувствувале многу поздраво и поспособно со оваа терапија.

Особено истражувано, во овој канцерофобичен век, е антиканцерогеното својсво на состојките. Па нашиот јунак, куркуминот во првата фаза од испитувањата демонстрирал способност да ги доведе канцерските клетки до апоптоза (самоуништување), особено нагласено врз колоректалниот карцином, но и неговите метастази и другите малигнитети во гастроинтестиналниот тракт.

Најновите истражувања го прогласија и за анти-дијабетичен сојузник. Имено кај лица со предијабетична состојба, третманот со куркумин спречил развој на целосна клиничка слика на дијабетес тип 2, а дури и ја подобрил функцијата на бета клетките во панкреасот.

  • Совет: Не сите Е ознаки се опасни адитиви или токсични пребојувачи. Ако налетате на етикета со ознака Е100 тоа е всушност куркумин, употребен како природно жолто боило и одобрен од Европска Унија.

И за крај уште една интересна карактеристика која дополнително ќе ве стимулира да зачините. Имено куркуминот според едно истражување спречува создавање на крвни садови неопходни за натрупување на слоеви на масно ткиво.

Како и да е, докажано или не, бидејќи нема никаков нус ефект од консумирањето на овој зачин, само храбро напред и почнете да ја истражувате индиската кујна во македонски услови.