Колку ни се важни електролитите?

Ако јаглехидратите се горивото што ја дава енергијата за придвижување на телесната машина, тогаш електролитите се маслото што ја подмачкуваат. При потешка физичка активност секој спортист може да се соочи со недостаток на „масло за подмачкување” т.е. електролити кои се губат преку потењето, па на целната линија наместо медал да добие болен грч.

Електролити се соли кои во телото се разложуваат на јони, позитивно или негативно наелектризирани, а понатаму со својот полнеж го овозможуваат протокот на импулси во срцевиот мускул, низ нервните влакна, како и мускулната контракција.
При потешка и напорна физичка активност секој спортист може да се соочи со недостаток на „масло за подмачкување” т.е. електролити кои се губат преку потењето, па на целната линија наместо медал да добие болен грч.

Функцијата на нервниот, мускулниот, кардиоваскуларниот и дигестивниот систем се силно зависни од присуството на соодветна количина електролити. При секоја подолга физичка активност, пропратена со зголемено потење, со повисок интензитет или при повисоки температури неопходно е да се надокнадат изгубените електролити.

Кои се најважни електролити?

НАТРИУМ (Na+) есенцијален електролит, главен во регулацијата на вода во телото, крвниот волумен, притисокот и спроведување на нервни и мускулни импулси. Заедно со калиумот ја формираат натриум-калиумовата пумпа која го одржува балансот помеѓу клетките и ткивната течност. Најголем дел внесуваме преку готварската сол како натриум хлорид, а дневните препорачани вредности се 2,3 грами, но во западните диети оваа бројка е многукратно надмината, што носи ризик од покачен крвен притисок.

ХЛОР (Cl-) најзастапен анјон во организмот. Од витално значење за регулација на киселоста во телото, но и за регулација на притисокот во неколку компартмани во телото. Како и натриум, така и хлор најчесто се внесува преку готварската сол.

КАЛИУМ (K+) главен катјон во внатрешноклеточниот простор, регулатор на срцевиот ритам и мускулната контракција. Ја формира втората половина од електричната пумпа која овозможува проток на импулси. Го има во месо, сусам, млечни производи и градинарски продукти.

МАГНЕЗИУМ (Mg2+) одговорен за преку 300 различни биохемиски реакции, синтезата на РНА и ДНА, функцијата на нервите и мускулите, имуниот систем, стабилизатор на шеќерот во крвта и промотор на развојот на коските и забите.

КАЛЦИУМ (Ca2+) неопходен за формирање на здрави коски и заби, но и за трансмисија на импулси во нервниот систем, контракција на мускулите и згрутчување на крвта. Иако е најзастапен од сите електролити во телото, 99% е складиран во коските, но на телото му е потребен калциум во слободна форма. Дококу нема доволно калциум во крвотокот, организмот е принуден да го обезбедува од коскеното депо што е најчеста причина за појава на остеопороза.

ФОСФАТ (HPO4–) веднаш после калциумот овој електролит е најзастапен, со 85% складиран во коските. Заедно со калциумот ги зајакнуваат коските и забите, но исто така е есенцијален за произведување на енергија во клетките.

БИКАРБОНАТ (HCO3-) нашите тела се потпираат на еден софистициран пуферски систем за одржување на стабилни нивоа на pH во телото. При дишењето нашите бели дробови ги регулираат нивоата на јаглероден диоксид во телото. Овие молекули се комбинираат со вода при што се добива H2CO3, киселина која се претвора во бикарбонат HCO3-.

Исклучително важно за луѓето кои спортуваат – особено при подолготрајните и навистина напорни активности е тоа што треба да внимаваат како на внесот на течностите, така и на степенот на губење на соли. На ова треба да се обрне особено внимание при топло време кога заедно со потењето и губењето на течности, од телото се екскретираат важните електролити кои може да доведат до состојба на грчеви, гадење, повраќање, главоболка, конфузија, изнемоштеност и други знаци.

Еден од наједноставните начини на соодветно надокнадување на овие електролити е преку консумирањето на изотонични напитоци при овие активности. Напитоците се богати со соли кои се растворени во соодветна количина и сооднос за да бидат најефикасно примени од нашиот организам.