Вистини и заблуди

Колку ни се потребни додатоци во исхраната?

За суплементи (додатоци во исхраната), сигурно сте слушнале, можеби и сте ги користеле а најверојатно сте ги препорачале и на пријателите да ги користат. Но, колку всушност знаете за нив?

Додатоците во исхраната вклучуваат витамини и минерали и други помалку познати супстанци како што се одредени билки, аминокиселини, ензими и сл. Иако истите помагаат за соодветно внесување на хранливи материи во организмот, тие не смеат да бидат замена за производи кои се клучни за здравата исхрана. 

Суплементите се спакувани во форма на таблети и капсули. Иако нивната цел е да го подобрат и зачуваат здравјето на човекот, малку е познато дека во многу случаи истите можат да предизвикаат и проблеми, најчесто во ситуации кога се користат во комбинација со лекови, или како замена за лекови, и кога се земаат во големи дози. Особено ризично е ако се земаат во големи количини витамините А, Д и железо. Некои суплементи можат да предизвикаат и несакани ефекти пред, за време, и после операција, затоа неопходна е консултација со лекар пред земање на било какви додатоци во исхраната.

Кога суплементите стануваат ризик

Понекогаш наместо да го снабдиме телото со потребните витамини и минерали, ние го добиваме спротивниот ефект. Ова најчесто се случува кога не знаеме што всушност ни фали во организмот. Особено треба да се внимава да не се зема премногу калциум затоа што вишокот ја спречува апсорпцијата на други хранливи материи потребни за здравјето на коските. Предозирање со железо е исто така штетно за организмот затоа што го зголемува ризикот од срцеви заболувања. Вишок на витаминот А исто така има негативно дејство заради тоа што е штетно за црниот дроб.

Иако бенефитите од користење на одредени суплементи се потврдени со факти, секогаш внимавајте пред да ги употребувате. Имајте на ум дека дневните потреби за витамини и минерали се добиваат од разновидната исхрана која вклучува зеленчук, овошје, риба и семкасти произвиди, и ако здраво се храните, немате потреба од дополнителни суплементи. 

Сепак, доколку сте решиле да ја зголемите дозата за витамини и минерали бидете особено претпазливи на изјави од типот “брз и ефективен лек за се“, “тотално безбедно и без несакани ефекти“, и запомнете дека зборот природно не мора да значи и безбедно. Особено немојте да се залажувате со фразата дека дури и суплементот да не ви помогне, сигурно нема да ви наштети.