Наслов

Кој актер е фолната киселина?

Кога би требало да се доделуваат нутриционистичките Оскари, фолната киселина можеби треба да ја добие заслугата за најдобра споредна женска улога. Додека главната награда оди кај природата, фолната киселина е заслужна за сета таа еволуција да оди во коректен правец.

Фолна киселина (фолати) или витаминот Б9 е дел од Б комплексот кој игра огромна улога во развивање и диференцирање на целиот организам. Овој нутрициенс помага во развивањето на ткивата, помага во градење на коските, искористувањето и разградувањето на протеините, учествува во формирањето на ДНК и црвените крвни клетки. Па огромен спектар на делување ( и тоа ова е само дел), ќе се сложите.

На кратко, што фајде имаме ние од фолатите?

Фетално развивање
На сите мали фетуси кои се во фаза на развивање во мајчината матка им е неопходна оваа супстанца. Таа е екстремно важна за нормално формирање на нервниот систем и раното развивање на коскените структури. Затоа мајки, за здраво потомство имајте во предвид јадење спанаќ.

Важно за адултите
Недостаток на фолати може да доведе до развивање на анемија. Тоа е посебен тип на анемија која се вика мегалобластна, но нема многу да навлегуваме во детали. Анемија си е анемија. Црвените крвни клетки не се во можност нормално да го пренесуваат кислородот, па сите ткива патат. Доколку имате некакви симптоми на анемија, докторот треба да помисли и на исхраната!

Каде има фолати?
Супстанцата не за џабе го добила името од Латинскиот "folium" што значи лист. Спанаќ, зелка, прокељ, кељ, морски алги и сите останати листести и зелени продукти се доста богати со фолати, потоа легуминози како сите типови на грав, грашок, кикиритки, тиква, семки од тиква, брокули итн. итн.

Со нормалната балансирана исхрана, човекот не би требало да биде во дефицит од овој нутрициенс, но постојат периоди каде препорачано е да се внесува повеќе. Таков случај е бременоста каде мајките коректно треба да се информираат од страна на нивниот доктор во врска со внесувањето на фолатите како од исхраната, така и до разните суплементи.

25 Март 2013

За авторот