Наслов

B2 - како тоа моќно звучи!

И тоа како моќно звучи! Без разлика дали сте професионален или рекреативен спортист кој брка подобри резултати или се чувствувате уморно или изнемоштено, помислете на овој витамин поради важноста за продукцијата на Вашата секојдневна енергија.

Основни карактеристики
Витаминот B2 односно рибофлавинот е еден од најраспространетите хидросолубилни витамини. Спаѓа во групата на B комплекс витамините, а синонимите како лактофлавин, овофлавин, хепатофлавин и урофлавин укажуваат на изворите каде овој витамин може да се најде како млекото, јајцата, црниот дроб па дури и урината. Терминот„flavin“ потекнува од латинскиот збор „flavus“однесувајќи се на жолтата боја на овој витамин.

Апсорпцијата на овој витамин се одвива во горните партии на тенкото црево и е зголемена доколку тој се консумира со друга храна (дури до 60%). Тој се дистрибуира до сите ткива во мали концентрации, а бидејќи е растворлив во вода многу малку се чува како резерва па мора редовно да се надокнадува. Се излачува преку урината каде придонесува за нејзината жолта боја.

Функција
Витаминот B2 претставува есенцијален дел во продукцијата на енергија како клучен елемент во оксидо-редукционите реакции и учествува во многу метаболичните реакции на јагленохидратите, мастите и протеините. Многу луѓе, особено атлети консумираат храна богата со овој витамин, со што си ги подобруваат перформансите поради фактот што овој витамин е важен за нормална продукција на енергија од хранителните јагленохидрати.

Рибофлавинот учествува во претворањето на витаминот B6 (пиридоксин) и фолната киселина во нивните активни коензимски форми што е многу важно за луѓето со анемија. Тој го поттикнува нормалниот развој на телото, а со тоа е многу важен за доенчињата, асистира во производство на адреналинот, стероидите, црвените крвни зрнца како и гликогенот.

Покрај ова, тој учествува во одржување на интегритетот на оралната лигавица, кожата, очите (особено за превенција на катаракта) и нервниот систем. Анти-оксидансната активност само ја дополнува важноста на овој витамин кој како дел од глутатион редокс системот кој врши детоксификација и чистење на слободните радикали.

Препорачани дневни дози
Бидејќи витаминот е тесно поврзан со енергетските потреби и метаболизмот, дневните дози варираат според многу фактори. Препорачаните дневни дози за возрасен маж се 1,7mg, а за возрасна жена 1,3mg.

Хранителни извори
Животинските хранителни извори на овој витамин се: млекото и млечните производи, јајцата, рибата, црниот дроб.

Многу зеленчуци и овошја се добар извор на овој витамин како на пример спанаќот, брокулата, сојата, оризот, печурките, бадемите и житарките.

05 Ноември 2012

За авторот