Rainbow Тортиљи #направисам
Тортиљите кои се продаваат во маркетите се преполни со вештачки додатоци, адитиви и бои. Подготовката на тортиљи во домашни услови е многу едноставна и брза, ќе ви бидат потребни 15 – 20 мин. Овие свежи домашни тортиљи ќе бидат премачкани со вкусен намаз од грав и црвена леќа и наполнети со свеж зеленчук.
Трудете се да купувате свежи намирници на мерење без да користите пластични кеси и пакувања. Можете да купувате на пазарите, семкарниците, продавниците за здрава храна и маркетите со своја торба или тегла. Во продолжение ќе ви покажам како да ги направите сами овие брзи и лесни тортиљи во #нулаотпад стил.
- Тортиљи:
- 2 чаши брашно
- 1 лажица масло
- млака вода по потреба
- хималајска сол
Подготовка
Тортиљи:
1. Измешајте ги брашното и солта, врз нив додавајте по малку од млаката вода и мешајте со лажица.
2. Кога смесата ќе биде измешана замесете со раце и додадете го маслото.
3. Оставете го тестото 5 минути да стои покриено со крпа за глутенот да се активира. Размесете повторно и поделете го тестото на 5 дела.
4. Од секој дел направете топче, расукајте го се дедека не добие дебелина од 2 мм.
5. Печете на нелепливо тавче без масло од двете страни на лепчето по неколку минути.
- Намаз од грав и црвена леќа:
- 1 и пол чаша сварена црвена леќа
- 1 и пол чаша сварен грав
- сок од половина лимон
- половина цвекло
- магдонос
- лист од целер
- буковец
- кумин
- хималајска сол
- вода
Намаз од грав и црвена леќа:
1. Се блендира се заедно и се додава по малку вода се додека смесата не стане мазна.
2. Потоа смесата се дели на 2 дела и во едниот дел се додава половина цвекло и повторно се блендира.
Целосна подготовка:
1. Исечкајте свежи зеленчуци во различни бои по ваш избор на ленти или изрендајте. Јас ставив: цвекло, морков, црвена пиперка, зелена пиперка, тиквичка, домат и блитва.
2. Тортиљите намачкајте ги со намазите до половина до светлиот, и другата половина со темниот намаз. Врз нив наредете го зеленчукот од најсветло до најтемно и завиткајте ги тортињите.
Овој оброк е одличен за ручек или вечера.
Продолжете да танцувате во ритамот на Природата!
Оргиналниот блог објавен на „Во Ритамот на Природата“