Видео рецепт – Овошна турлитава т.н. Крамбл
Собравме одлична количина на јаболчиња и крушки од дворот. Еден дел се изеде, еден дел се исецка во тегли за јаболков оцет, а еден дел остана да чека некои подобри времиња, но не за долго. Овошната турлитава ја ставаме на редовно мени во категорија појадок или десерт.
- 5 крушки
- 10 мали јаболчиња
- 300 грама смрзнати вишни
- 1 чаша брашно
- 1 чаша овесни снегулки
- 4+2 лажици кафеав шеќер
- 125 грама ладен путер
- цимет
1. Јаболката и крушките се сецкаат на крупни парчиња. Исецканото овошје и вишните се ставаат во тава, рерната се вклучува на 200 степени.
2. Во длабок сад се соединуваат брашното, овесните снегулки, 4 лажици шеќер и путерот на коцки. Со вилушка или со раце се меша смесата, но треба да остане сува и ронлива.
3. Се додава крамбл слојот врз овошјето, мешавина од 2 лажици шеќер со цимет и се пече околу 30 минути или додека да замириса цела куќа и веќе не можете да одолеете.