Направете си пасирано ренче ала васаби по дома

Македонско васаби (wasabi)

Васаби, или јапонски рен, се прави од коренот на растението Васаби. Љубителите на суши се многу добро запознаени со овој зачин. За жал, свежо Васаби кај нас нема, но има свеж обичен рен кој може да биде одлична варијанта на Васаби што ќе ги задоволи вашите потреби за овој специфично лут зачин. 

Растението Васаби расте природно во Јапонија и обично се огледува покрај вода. Постојат многу малку Васаби производители во светот, па затоа понудата е ограничена, а и цените варираат. 

Коренот Васаби има многу силна арома што потсетува лут сенф. Ако купите корен Васаби, треба многу ситно да го изрендате/испасирате пред да го конзумирате. А можете да купите и готово Васаби во туба, но не е исто. Купечкото васаби обично содржи вештачки бои (зелената боја не е природна), емулгатори, сенф, сол и шеќер. 

Доколку го сакате екстра луто, свежото Васаби јадете го дента кога ќе го подготвите. Во спротивно лутото испарува.

Инаку и листовите на растението Васаби се јадат. Тие можат да се подготват свежи како салата или истолчени и длабоко пржени. Лисјата на растенијата Васаби се помалку лути од коренот.

Но ние имаме уште една домашна опција за вас. Доколку јапонското Васаби ви е скапо или недостапно, направете си македонско Васаби со локален рен!

Мноштвото здравствени придобивки од ренот ќе можете да ги почувствувате доколку секојдневно го конзумирате. Глукосинолатите (природни антиоксиданси) кои ги содржи имаат моќ да се борат против канцерот и токсините на кои сме секојдневно изложени. Овие јаки антиоксиданси се употребуваат при респираторни болести и проблеми со синуси.

Глукосинолатите се и природен антибиотик кои се борат против разни инфекции предизвикани од бактерии и габи, како и при прочистување на организмот од токсини. Според Мосбах Кушад, автор на истражувањето за антиканцер на Универзитетот во Илиноис, “Споредено со брокулата, ренот има 10 пати повеќе глукосинолати, така што нема да ви треба многу рен за да ги добиете неговите лековити својства”. 

 
  • обичен рен (количината зависи од вашите потреби и желби)
  • крупна морска сол (пола мало лажиче или помалку, колку за вкус)
  • кафеав шеќер (колку да го има, но во многу мала количина)
  • можеби малку вода (за полесно да се испасира, а сепак да остане конзистентно)
  • оцет (може, и не мора)
  • лук (секогаш добредојден за верните конзументи)
 

Подготовка

1. Ренот се мие убаво, се лупи и се става во блендер заедно со малку сол и уште помалку шеќер.

2. По потреба се дотура вода.

3. Се пасира, а смесата се остава во кеса да отстои 15 минути.

4. Се сервира на собна температура, а остатоците се ставаат во фрижидер.

Најчесто се конзумира со суши (и тоа може да биде домашно), но и со било кое друго јадење или мачканица, доколку устата и стомакот ви го поднесуваат!