Без рецепт со Донев
Бифтече набрзинка
Значи најважното тука е месото кое што треба да биде свежо инаку ништо не правиме. Додека да ме научат по месариве нема што немав пробано за да ми чуваат од бифтеков. Некогаш идев рано на отварање да ги фатам, им влегував во ладилниците, дури еднаш ме прашаа дали ми е за бебе што толку сум упорен и од преголема желба само си климнав со глава. Целта ги оправдува средствата. Сега си немам проблем.
- Телешки бифтек (филе мињон) 300 грама по особа
- Свеж или сув рузмарин
- Маслиново масло
- Љубов
Е, ако успеете да го набавите тогаш вака:
ПОДГОТОВКА
1.Ги сечете парчињата да бидат дебели 2 до 3 сантиметри (од прилика таа дебелина е и самиот бифтек) и долги 5 до 6 сантиметри или најубаво како Вас ви е ќеиф.
2.Убаво ги посолувате, бибер и свеж рузмарин препорачувам, но и сушен ќе заврши работа. Убаво полијте ги со маслинов зејтин.
3.Многу битна работа е тавчето да биде многу, многу, најмногу загреано и ништо да нема на него. Кога ќе мислите дека ќе се запали, тогаш така претходно подготвениот бифтек ќе го фрлите на оган. По 2 до 3 минути од двете страни е доволно ако сакате да биде средно спремен, без да го малтретирате и врткате. Ако сакате добро спремен тогаш малку повеќе. Имам една препорака: Греота е вакво мевце да не биде крваво и сочно.
И толку. Мислев да има нешто како гарнирче од страна ама не можев да му одолеам и морав одма да му влезам и да го изедам. Затоа и фотките се макро. Ај некој следен пат ќе ви надоместам.