Суров или зготвен зеленчук?

Дали „помалку значи повеќе” кога станува збор за тоа колку долго го преработувате зеленчукот?! Или можеби ич не ни треба?

Сурова храна е термин кој се однесува на сета онаа растителна храна која не се приготвува термички. Храната се консумира во оној облик кој ни е даден од природата, а за малку повеќе кулинарско експериментирање дозволени се сецкање, блендирање, мелење, цедење.

Со самиот факт дека ваквата храна не се изложува на висока температура, во нејзе се задржуваат сите хранливи состојки, наспроти губењето на термолабилните витамини како Ц и Б веќе над 50 степени целзиусови. Така суровата храна заслужено се смести некаде на врвот меѓу најздравите начини на исхрана.

Меѓутоа со термичката преработка иако нешто се губи, понекогаш нешто добро и се добива. На пример доматот кој што термички е обработен има многукратно повеќе од моќниот антиоксиданс ликопен, отколку самиот свеж домат. Сега веќе доматното пире не звучи толку лошо, нели?

  • Ликопенот припаѓа на групата каротениоди, му ја дава црвената боја на доматот, а се смета дека може да го намали  ризикот од рак на простата, бели дробови и срцеви заболувања.

Тука спаѓаат и морковите, со нивните портокалови бета-каротени . Со готвењето се кршат цврстите целулозни  клеточни ѕидови и на тој начин сите други здрави супстанци од клеточната внатрешност се полесно достапни за нашиот организам. Исто така и спанаќот, зелката и аспарагусот го зголемуваат својот антиоксидациски контент по изложување на повисока температура.

Од другата страна пак, фолатите во цвеклото, состојките во брокулата што здравје значат и витаминот Ц во пиперката се во поголема концентрација кога се во нивната природна и сурова состојба. Тука се исто така какакото, кокосот, зелената салата, краставицата и сите јатки и семки.

Се навраќаме на начинот на термичката обработка кај оние што треба. Повисока температура никако не значи лонец кој клокоти еден час, туку само кратко обарување во врела вода или со помош на решетка изложете го зеленчукот на пареа. Така ќе го извадите максимумот здравје од порцијата. А што се однесува до останатите овошја и зеленчуци, како што ни ги приготвила мајката природа никој друг не може.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија