Сума сумарум на бадниковата вечера

Празник e и сосема e легално и дозволено, без никаква грижа на совест да се опуштите и да уживате во храната и пијалокот, но сепак се заинтересиравме и направивме проста математика за тоа колку калории е тешка бадниковата вечера. „Посно“ не значи секогаш пријателско за фигурата.

Традиционалната вечера на Бадник се состои од зелник, посни сармички од кисела зелка, далеку прочуеното тавче-гравче, риба, емиш од слатки задоволства со повеќе или помалку варијации во зависност од вкусот и желбите на домашните.

Направивме детална калкулација во којашто ги земавме во предвид сите состојки во традиционалните рецепти и ја решивме равенката на „посната“ бадникова порција. Бројките во продолжение приближно соодветствуваат со бадниковата чинија по глава на член од една православна фамилија.

Сè започнува со трка по паричката. Е тука беше тешко да се пресмета калориската вредност бидејќи големината на лепчето варира. Најмалите членови ги добиваат најголемите парчиња (нели шансата за паричка е најголема), па за сметка на тоа повозрасните остануваат поштедени од многу калории. Понатаму чиниите се полнат со неколку лажици тавче гравче кое има добри 265 калории, осмина зелник со 324 калории, 2-3 сармички од зелка (една има 33 калории) и некое парче риба 114 калории.

Бадниковиот десерт се состои од суво и свежо овошје, јатки и варени костени. Уживањето во бадниковиот емиш ако си каснете од сè по нешто ќе ви надополни уште 589 калории. И по една чашка убаво црвено вино со уште 83 калории.

Сума сумарум за неколку часа ќе се соочите со трпеза од грубо пресметано 1500 калории односно 75% од вкупните потребни калории за еден ден… Се надеваме дека имавте лесни појадок и ручек.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија