Како се храни Крис Фрум

Иако во текот на пеколните Тур д Франс или Џиро етапи професионалните велосипедисти внесуваат исклучително висок број на калории поради екстремната потрошувачка, еден од најдобрите светски велосипедисти, Крис Фрум, открива како умерената и строга нутрицијата во подготвителниот период за ваквите трки е уште поважен дел од мозаикот наречен „паметна” исхрана. 

Трикратниот победник на Тур д Франс кој од 2010 година станува дел од британскиот тим „Скај” и еден од најдобрите светски велосипедисти е пример за тоа колку важна улога игра нутрицијата во постигнување на вакви врвни резултати во професионалниот спорт. Секако дека во равенката „Жолта маичка” на Тур се внесени мал милион делови, но да видиме како врвната нутриција игра клучна улога. 

Имено, во 2007 година кога Фрум влегува во професионалните велосипедски натпреварувања тој тежи 75 килограми што можеби за неговата височина од 186цм е одлична тежина (за да биде згоден дечко), но за еден велосипедски „џокеј” е премногу. 

Еден од главните параметри кои е потребно да го поседуваат елитните велосипедисти е т.н. power-to-weight ratio што претставува однос помеѓу снагата (изразена во вати или коњски сили) и тежината на велосипедистот. Овој однос практично дава една појасна слика за тоа колку „машината” (без разлика дали возило, локомотива или велосипедист) е навистина ефикасна бидејќи истата мора да ја „движи” својата тежина. 

Доаѓаме до моментот со телесната тежина каде во 2013 година, кога Крис за прв пат победува на Тур д Франс, тој тежел 65 килограми (10кг помалку од кога стартувал со про-велосипедизам во 2007), а бројката од 6.25вати/кг телесна тежина која е некој просек од 2015 година претставува исклучително силен атрибут на овој спортист (покрај високиот VO2max). 

Сега пак, доаѓаме до вистинската тема на статијата, а тоа е начинот на кој Крис ги слабее тие килограми, а сепак ја задржува формата. 

Во почетоците, пред големите натпреварувања тој имал навика да гладува со цел да спушти дел од тежината што одело рака под рака со голем губиток на енергија и нестабилност во формата. Благодарение на неговата жена, во периодите кога не е во сезона тој започнува да практикува диета со голем дел на протеини, а многу помалку јаглехидрати и „лоши” калории. 

Иако генералниот став е дека велосипедистите трошат толку многу калории за време на тренинзите и трките, што буквално не треба да се замараат за тоа што јадат, Крис во неговата автобиографија вели дека ова е погрешен став и дека тој и тоа како внимава на тоа што јаде, особено во тренинг периодите. 

„Се обидувам да поминам со многу малку, но квалитетно јадење во текот на денот. За појадок гледам да се ограничам на една мала чинија овесна каша и омлет од две јајца, без никакви додатоци. Доколку имам посилен тренинг или можеби некоја трка, јадам омлет со три јајца.” 

АДАПТИРАЊЕ НА ИСКОРИСТУВАЊЕТО НА МАСТИ ВОН СЕЗОНА

Сепак, постигнувањето на идеалната тежина преку здрава исхрана е само првиот чекор. Главниот нутриционист во тимот СКАЈ – Џејмс Мортон го вели следново: 

„Од нашите досегашни испитувања знаеме дека намерното ограничување на јаглехидратите во внимателно избрани тренинг сесии може да поттикне одредени адаптации во телото каде мастите може поефикасно да се искористат како енергија. Но, секако, во другите периоди кога ни е потребни поголем внес на јаглехидрати, тоа и го обезбедуваме.”

На кратко, тоа значи дека во текот на тренинг сезоната (вон натпреварувања) Крис се фокусира на јадење многу повеќе протеини и здрави масти што го учат неговото тело за правилно искористување на овие залихи и му овозможуваат да ги одржи тие 65 килограми кои се круцијални во текот на трките. 

Во текот на тркачката сезона или на јаки тренинзи, пак, тој внесува поголема количина на јаглехидрати за да ги наполни резервите на гликоген. Просто кажано, тој ја одржува неговата тежина на многу здрав начин без да гладува, а јаде високоенергетска храна кога му е потребна.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија