Што е сурова храна (raw food)?

Исхраната со сурова храна не е диета, туку е начин на живот. 

Што е сурова веганска храна?

Тоа е храна исклучително од растително потекло, која не се готви т.е. загрева над 47С степени бидејќи со тоа се смета дека се уништуваат најголемиот дел од нејзините ензими, витамини, минерали и протеини. Храната се конзумира онака како што дошла од природата, а нејзиното приготвување се состои во сецкање, цедење, блендирање, ‘ртење и дехидрирање.

Зошто да се јаде сурова храна?

Топлината ја менува молекуларната структура на храната, правејќи ги хранливите материи претежно неупотребливи. Готвената или термички обработена храна е помалку сварлива од суровата храна. Се што се конзумира а кое што не може да се свари или да се складира во телото, мора да се елиминира како отпад. Јадењето готвена храна произведува толку многу отпад во телото што нашите органи за елиминирање не можат да постигнат да исфрлат се, па отпадот се акумулира во самото тело. Токму оваа акумулација на отпади во телото води до појава на разни болести.

Суровата храна, во оригиналната форма во која што природата ја создала, е речиси целосно употреблива од човековото тело и ги обезбедува сите хранливи материи кои што му се потребни. Нејзините нутриенти изумираат на висока температура, и кога јадеме готвена храна не го потхрануваме нашиот организам целосно.

Што да се јаде сурово?

Постојат стотици видови на сурова храна кои што можат да се најдат на пазарот, или уште подобро директно кај одгледувачите, а доколку постои можност многу од нив може да се одгледуваат во сопствената градина, па дури и на балкон! Најпрво треба да се јаде она што е локално, органско и сезонско. И секако треба да се јаде разноврсна сурова храна:

  • Зеленолиснати растенија и зеленчук: спанаќ, марула, блитва, кељ, краставици, пиперки, зелка, брокула, карфиол, авокадо, моркови, целер, цвекло, кромид, лук, магдонос…
  • Овошје: јаболки, круши, банани, домати, портокали, мандарини, цитрони, лимони, манго, грозје, лубеници, дињи, тикви, сливи, праски, кајсии, јагоди, малини, боровинки, брусница, смокви, гоџи бобинки, ананас, кокос…
  • ‘Ртени житарки, мешунки, јатки и семки: овес, хељда, киноа, леќа, грашок, бадеми, лешници, ореви, индиски и бразилски ореви, семки од тиква, сончоглед, семе од коноп, лен, сусам…

Како да се јаде сурова храна?

Се препорачува транзицијата да се направи полека. Во спротивно може да дојде до исфрлање на премногу токсини во организмот одеднаш, при што истите може да се реабсорбираат назад во телото доколку има било каква блокада во цревата. Ова може да предизвика омалаксаност, главоболки, лошење, повраќање, па дури и покачена температура и треска.

Доколку јадете месо, првиот чекор би бил да се префрлите кон вегетаријанска исхрана.

По отприлика 1 месец (или кога ќе се почувствувате подготвени), префрлете се кон вегансака исхрана, што значи без конзумирање на било какви производи од животинско потекло (млеко, млечни производи, јајца). Во текот на целиот овој период вашиот организам ќе минува низ процес на чистење. Важно е да пиете многу вода и да бидете физички активни, со цел да имате редовно празнење на цревата за да ги исфрлате токсините и да не дојде до враќање на истите назад во организмот.

Полека почнете да внесувате по еден-два живи оброка во вашата исхрана, и ќе забележите дека организмот ќе почне да ви бара се повеќе свежа и здрава храна!