Хумана граѓанска иницијатива

#РЕТВИТНИОБРОК за полн стомак и душа на оние што им е најпотребно

Веќе некое време ја следиме иницијативата #ретвитниоброк и почуствувавме дека е време да се прошири веста за подобро да се информираат луѓето што се желни да помогнат со дел од своето време, храна и готвачки способности. Со таа цел направивме интервју со Ана Голејшка, една од иницијаторите на овој хуман акт, за тоа како започна и како се развива ова граѓанско движење…

K4T – Како се роди иницијативата за #ретвитниоброк?
АНА – Иницијативата започна со еден твит на Твитер во кој беше ставена фотографија од храна и предлог идеја дека храната што ја сликаме (за на инстаграм, фејсбук и слично), често не е изедена и се фрла. Поентата беше оброците да се ретвитнат (споделат) и така настана и хаштагот #ретвитниоброк. Наместо да се фрла, да се сподели, рециклира, некому да му се помогне со достоинствен оброк.

K4T – Колку луѓе бевте инволвирани на почетокот, а колку сте сега?
АНА – На почетокот функциониравме како мала група од неколкумина луѓе, но како што растеше потребата и за луѓе готвачи – аматери, така се прошири веста дека има луѓе кои прават храна за бездомниците и социјално загрозените. Луѓето сакаат да помогнат и сега можам слободно да кажам дека активно барем триесетина луѓе секој петок и сабота учествуваат во иницијативата, а имаме постојан прилив на млади луѓе, студенти, познаници кои индиректно помагаат.

K4T – Како функционира #ретвитниоброк?
АНА – #Ретвитниоброк нема лидер ниту хиерархија. Секој учествува со она што го знае, може, умее. Има прекрасни луѓе кои одлично готват, има луѓе кои знаат луѓе, помагаат со логистика, превоз, ни отстапуваат простор за готвење… Тоа е прекрасен начин за иницијативата да трае, бидејќи природно секој учествува без да биде назначен. Сепак ова е граѓанска иницијатива и на волја на свеста.

На почетокот готвевме секој со свои продукти и скромен придонес. Но, од огромно значење е тоа што како што се дознаваше за ретвитниоброк, луѓето ни донираа намирници или доаѓаа да помагаат со готвење, сервирање. Секоја сабота се носат оброците пред платото на Мајка Тереза и околу 120-тина бездомни и социјално загрозени лица добиваат зготвен оброк. Ова го спроведуваме со Тони и Весна од Вистински дела на љубезност, кои ни се од голема помош во реализирањето на иницијативата.

K4T – Дали секој што е заинтересиран може да се вклучи во оваа хумана иницијатива?
АНА – Секој кој сака да помогне, да направи добро – добредојден е и на групата на Фејсбук или на хаштагот #ретвитниоброк, да дознае, прочита, да праша и ако сака да учествува. Доволно е дa сте свесни дека во нашето опкружување има многу гладни луѓе, а истовремено дека многу храна се фрла. Ако имате јадлив ручек и вишок порција во петок вечер – спакувајте ја и донесете ја во сабота наутро. Вие ќе споделите, некој ќе добие достоинствен оброк.

K4T – Што треба да стори некој нов член за да се придонесе со свој оброк?
АНА – Секој кој сака да зготви нешто, или да донесе храна, може да дојде во сабота напладне пред платото на Мајка Тереза и да учествува во ретвитниоброк. Сè е добредојдено, од колачиња до овошја.

Дотогаш, слободно нека пише на групата, или нека го пребара хаштагот #ретвитниоброк на твитер.

K4T – Какво е чувството да се помага на ваков начин?
АНА – За мене ова е начин да сменам нешто и тргнувам од себеси. Иако е капка вода во морето проблеми со кои секојдневно се соочуваме, мислам дека е добар начин да се крене свеста за храната како поим и воопшто да се дејствува во полза на ранливите групи и тоа да не биде помпезно, а воедно да се знае дека постои.

Сите кои помагаат се дел од некаква заедничка цел и енергија и тоа нè поврзува. Сакаме да помогнеме, затоа што можеме и зошто да не? Ретвитниоброк обединува неколку вредности – ги собира луѓето, ги учи на колективна солидарност и готвење, им ја сервира и реалноста, а воедно ја јакне желбата за подобар свет. Мислам дека подобро чувство од тоа нема.

K4T – Би додала ли уште нешто како информација за настанот?
АНА – Би додала само дека сево ова што го правиме сите што учествуваме е само доказ дека луѓето треба да се грижат едни за други. Малку сме, знаеме во какви услови живееме и треба да си се наоѓаме едни на други. Не само со храна за стомакот, туку и за душата. 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија