Која е разликата меѓу џелато и сладолед

За волја на вистината, ако си се натокмил да јадеш убаво стокмена шеќерна калорија прашањево нема многу-многу да ти прави разлика, ама еве, разлика си има. 

Разликата помеѓу овие две форми на смрзнат десерт лежи во три фактори од техничка природа: содржината на маснотии, воздухот и температурата.

Додека сладоледот се прави од полномасно млеко, слатка павлака, жолчки и шеќер и мора да има барем 10% масленост што му го дава богатиот вкус, џелатото се прави само од млеко, многу помалку жолчки и е помалку маслен, но затоа има поголема количина на шеќер.

Средната класа започнала да ужива во смрзнатите десери дури од втората половина на 20ти век, кога фрижидерите почнале масовно да се употребуваат. Денес постојат повеќе од 1000 различни вкусови на сладолед, меѓу кои и такви кои не се препорачуваат за луѓе со чувствителен стомак, како сладолед со сланина или сладолед од краба.

Можеби највоочлива разлика помеѓу сладоледот и џелатото е текстурата што директно зависи од воздухот што се внесува во масата додека се меша. Сладоледот се прави многу побавно и задржува повеќе воздух, додека џелатото се меша поенергично и се истиснува воздухот. На крај се добива воздушест сладолед и густо млечно џелато кое потешко се топи на жешките температури.

Што се однесува до температурата сладоледот се одржува на температура од 4-5°С, а џелатото поднесува и малку повисоки температури заради малата содржина на масти и воздух. 

Ако ве интересира… Во однос на калориската вредност обата имаат солиден дензитет, со 166-266 калории за 120 мл сладолед од ванила и 160-200 калории за иста количина џелато од ванила, но сепак кој може да одолее на една доза слатко смрзнато задоволство?!

Постојат уште неколку смрзнати варијанти како на пример сорбе и смрзнатиот јогур. Сорбето се прави од овошен сок и сируп, додека смрзнатиот јогурт е како што кажува и самото име – смрзнат јогурт со шеќер и различни додатоци.

На здравје освежување!

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија