Екологика

Промовирајќи органска храна

Зелено комбе што растура низ Калифорнија кога се работи за промовирање и служење органска храна и екологични практики во бизнис работењето.

Во последната деценија низ Северна Америка забрзано се зголемува бројот на мобилни ресторани кои имаат уникатни мениа што не можат да се најдат по класичните ланци на ресторани и сендвичари, а со тоа нивната популарност се повеќе се зголемува.

Луѓето ги сакаат и поради автентичноста и поради креирањето живост на местата каде ќе се паркираат.

Во тој интересен свет на мобилни ресторани како најдобри, и за среќа, најодржливи се издвојуваат зелените комбиња кои едноставно растураат каде и да се појават, поради нивното здаво, органско мени, но и поради нивната висока етика во работењето.

Како одличен пример за тоа се Green truck on the go, број еден во популарноста  меѓу луѓето од јужна Калифорнија (Сан Диего и Лос Анџелес) според истражувањата на тамошниот медиум utsandiego.com

Тоа што ги води овие зелени креативни умови е едноставната мисија – заздравување на планетата со секој нов оброк.

Со мислата дека „можеш да му платиш на земјоделецот сега или на докторот подоцна”, храната која ја служат е само од сертифицирани органски производители, со што не се внесуваат штетни пестициди во телото и при тоа ги помагаат производителите кои не ги загадуваат почвата, водите, растенијата и животните со пестициди.

Покрај паметното и здраво мени, за остварување на својата мисијата, тие целиот процес на работење го сведуваат на минимално влијание врз околината. При купувањето на органска храна се грижат да одбираат производители кои се што е можно по локални, затоа што не им е логично еден домат да патува 2000 км за да стигне во сендвичот.

Растителното масло за готвење по употребата во кујната го користат како гориво за комбињата (бесплатно гориво), а за потребите од електрична енергија, и главната кујна и комбињата им се поткрепени со соларни панели.

Бидејќи служат јадења кои се за носење, најчесто мораат да даваат и прибор кој се фрла по јадењето. Целиот прибор и пакувања им се направени од природни материјали (суровини од компир) кои многу брзо се разградуваат и ја потхрануваат почвата. Поради тоа, поголемиот дел од ваквиот отпад го собираат и го предаваат на самите производители на органската храна, каде служат како ѓубриво.

Самата карма си кажува дека работите што ги правиш се враќаат повторно кон тебе, па со здрава и одржлива исхрана, овие зелени комбиња нудат и многу здрави и одржливи работи кои им се враќаат назад на муштериите, како подобро здравје и подолго живеење за да се ужива во почистата и поздрава околина.