Остатоците од храна сведете ги на минимум

Еден голем процент од ѓубрето кое го создава едно домаќинство отпаѓа на остатоци од храна. Следуваат неколку совети како да ги минимизирате овие отпадоци, без оштетување на буџетот и за подобрување на вашиот еколошки отпечаток.

Дека баба ви е во право кога вели „храна не се фрла” целосно се сложуваме. Е сега ако не можете да ја изедете целата храна што ви останува, тогаш превземете мерки за промена на навиките. Најпрво запрашајте се колку од храната што ја купувате и готвите не завршува на трпезата, туку во канта? Ако таа бројка ве запрепастува тогаш редуцирајте отпадот. Малку променета шопинг листа, малку подобрени рецепти и план на оброци може радикално да го промени вашиот еколошки футпринт, а дополнително да влијае добро на домашниот буџет.

 

ПАЗАРУВАЈТЕ ПАМЕТНО

Најпрво направете листа на намирници кои ви се потребни и стриктно држете се до набројаното. Не додавајте непотребни работи во количката. Исто така внимавајте на количината што ја купувате.

Не купувајте големи количини особено од намирници кои лесно се расипуваат само затоа што така е поевтино. Бидете реални со количината што ви е потребна. Интересните форми на моркови, компири и другите свежи намирници често завршуваат во ѓубре бидејќи сме навикнати на некакви си правилни облици. Ако планирате пире сигурно формата на компирот не ви е битна.

ОРГАНИЗИРАЈТЕ ГО ФРИЖИДЕРОТ

Направете паметен распоред. Напред на дофат поставете ги сите намирници на кои им се гледа крајот со цел побрзо да ги искористите, а храната со понов датум оставете ја во задните партии. Исто така свежите продукти на кои се близу до расипување може да ги преобликувате, направете си мармалад, сок, компот или скиселете го зеленчукот во тегла со малку вода и оцет, сол и шеќер.

 

Следете ги роковите и запамтете дека најчесто ако храната правилно се чува, рокот може да биде и една до две седмици продолжен од наведеното. Производителите често оставаат пократки рокови заради поголема сигурност, но ако нема никакви промени во структура, мирис и боја, веројатно храната може да се консумира.

РАЗМИСЛЕТЕ ЗА КОМПОСТ

Со цел на до намалите отпадот што го продуцирате, ако имате бавча или двор, во едно делче може да започнете со природно обогатување на почвата. На ова место фрлајте ги отпадоците од храна, а по извесно време покријте го со лисје. На тој начин ја обогатувате почвата со многу хранливи материи и ќе биде многу поплодна затоа што ЛЕКОТ Е ВО БАВЧАТА

 

ПРЕД ОБРОК

Запрашајте се колку и што ви се јаде и почастете се од истото. Ако прегладнете често и ќе зготвите огромни количини и ќе нарачете непотребно премногу храна што најчесто завршува во канта. Ако ви останува храна во ресторан побарајте да ви ја спакуваат или споделете го оброкот со пријател.

СМАРТФОНИТЕ НА ПОМОШ

Постојат апликации и веб страни кои врз основа на она што имате во фрижидерот ви даваат повеќе предлози што да зготвите.

Ова е добар начин да пробате нешто ново, да го минимизирате отпадот, да ги потрошите намирниците на кои им се гледа крајот и да не му ја мислите многу многу што да готвите за утре.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија