Носталгија по едно гурманско минато
Прикаската оди вака: На еден од нашите скорешни постови (македонската страна на лебот) имаше подолг коментар од еден наш читател со име Кирил Лазаров (не, не е ракометарот, друг е). Одлучивме да го споделиме!
Пишува Кирил Лазаров од Кратово – Ако се вратиме малку поназад, повеќе од триесетина години ајварот не беше толку присутен на македонската трпеза, во зимниот период, главен адут беше живата туршија, зелка и расолница, по некое каче со круши – тутњаци, сушелките од кајсии, модри сливи, јаболки и суви црвени пиперки кои беа посебен специјалитет со варени компири, лук и сув магданос, крупна сол и некогашниот зејтин – права лутика.
Зборот ми е дека во сите овие производи беше сè во нивниот состав, природни состојки на овие плодови. Тука го изземам качето со ложено свинско месо и обесените домашни колбаси и пушена свинска сланина. Обесената пастрма овча и обавезната бочва вино домашно црвено во зимник многу далеку од замрзивачи – кое после убавиот ручек служеше за контрола на “крвниот притисок и нормалната работа на срцето ” посебно во недела со пастрамајка Кратовска.
Кире лиги ни потекоа!