Незаситени масти – одличен избор за вас

И покрај конфузијата околу тоа дали мастите се „добри“ или „лоши“ за вашиот организам, денеска е докажано дека внесувањето на одредени типови на масти го подобруваат целосното функционирање во организмот. Краток осврт на незаситените масти, продуктите кои ги содржат, и ползата кои тие ни ја нудат.

Состав и хранителни извори
Незаситените масти се група на триглицериди кои во својот состав содржат моно или полинезаситени масни киселини (во зависност на бројот на двојните врски) како што се: олеинска, линолна, линолеинска и други масни киселини. Од тука доаѓа и поделбата на незаситените масти на мононезаситени и полинезаситени, а и едните и другите имаат позитивни ефекти врз нивоата на холестерол.

Продукти кои изобилуваат со овој тип на масни киселини се: маслиново масло, масло од сусам, маслинки, авокадо, јаткасти овошја, семки од тиква и сончоглед, путер од кикиритки, риба (туна и лосос).

Здравствена полза
Мононезаситените масти помагаат во намалувањето на „лошиот“ LDL холестерол истовремено подигнувајќи ги нивоата на „добриот“ HDL холестерол и со тоа учествуваат во превенција на кардиоваскуларни заболувања.

Полинезаситените масти исто така помагаат во намалувањето на „лошиот“ холестерол, но според современи истражувања докажано е дека овие масти се помалку стабилни во однос на мононезаситените и со тоа можат да ги намалат и вредностите и на „добриот“ холестерол, но сепак тие не треба да се изостават поради тоа што се одличен извор на oмега 3 масни киселини кои што спаѓаат во групата на есенцијални масни киселини, односно нашиот организам не е способен да ги синтетизира.

Балансиран дневен внес
Внесувајте и фаворизирајте ги незаситените масни киселини. Користете ги во салатите, јадете доволно риба, јаткасти овошја и маслинки. Препорачаниот дневен внес на масти базиран на дневна диета од 2000 калории треба да изнесува не повеќе од 65g. Доколку од овие 65g на масти ние ги фаворизираме незаситените, заситените ги внесуваме не повеќе од 20g дневно, а транс мастите тотално ги отфрлиме, ние ќе направиме одличен и балансиран внес на масти.