Кимни му на кимот

Дали сте и Вие од оние кои како деца го тргаа кимот од кифличките на мама?! Испаѓа дека мама знаела зошто упорно секоја тура повторно ја зачинува…

За лековити цели и за кулинарски маѓии се користи всушност семето од кимот. Најважната состојка која ја содржат овие семчиња е етеричното масло oleum carvi околу 3-7%, а содржи и по малку танини, јагленихидрати и смоли.

Кимот е одличен зачин за месо, но и за леб. Додаден во јадењето го потикнува апетитот (ве фативме мајки), го олеснува варењето на храната, го намалува создавањето на гасови и подуеноста. Па токму и заради тие карактеристики се применува во народната медицина како карминатив, стомахик и благ спазмолитик, што го прави одличен лек при болки и грчеви во желудникот, а делува и диуретично.

Ако сте изеле сенешто и сега се борите со гасови и подуеност, една лажичка ким потопете ококу 10 минути со зовриена вода. Поделете на два дела и испијте после оброкот, кимот ќе се погрижи за вашата перисталтика да се одвива непречено.

Од друга страна неколку ветувачки студии го испитувале толку маслото од кимот и откриле дека истото администрирано по орален пат го намалува нивото на липидите, а спречува и појава на хипергликемија кај дијабетичари. Исто така некои истражувања дошле до заклучок дека oleum carvi покажува ефект против туморските клетки на нервниот систем.

И за да не биде само врз кифлички, еве еден рецепт со ким за вегетаријанците, но и уште еден за љубителите на месо.