Лична карта на ловоровиот лист

Познат и како дафинов или лорберов лист. Освен богата историја оваа билка има и богата палета од здравствени придобивки…

Ловоровиот лист има славно минато. На кованите грчки пари Аполон е прикажан со венец од ловоров лист, а со ист венец биле китени и главите на римските војсководци бидејќи и во двете култури ова растение е знак за победа, моќ и владеење. Името дафинов лист пак си повлекува друга приказна која пак се врти околку Аполон. Имено нимфата Дафне се претворила токму во ова дрво, обидувајќи се да го избегне обидот за силување на Аполон.

Ловоровиот лист расте на грмушесто зимзелено растение (Laurus nobilis L.) како дива, но и како култивирана билка, а одлично успева во нашиот крај. 

Ароматичнот, малку лут и горчлив вкус на ловоровиот лист потекнува од големата содржина на етерични масла и супстанцијата танин, но оттука потекнуваат и здравствени ефекти. Ловоровиот лист има антисептично дејство, го подобрува апетитот, го олеснува варењето на храната и помага при ослободување од подуеност.

Исто така помага и при искашлување, па се користи во терапија на бронхитис, кивавица, грип. Една хемиска супстанца изолирана од ловоровиот лист, лаурозит Б, се покажала како ефективен инхибитор на хуманиот меланом во ин витро студии.


ДОМАШЕН СИРУП ПРОТИВ УПОРНА КАШЛИЦА СО ЛОРБЕРОВ ЛИСТ


Оваа билка исто така се покажала и како лек против мигрена и главоболки, што најверојатно потекнува од неговата состојка еугенол, кој има смирувачко, противвоспалително и антиоксидативно својство и се користи во медицината.

Најлесно, а сепак доволно за да ги аплицирате здравствените придобики од ловоровиот лист, е да додаете едно ливче во следната јанија, грашок или чорба и секако да не го изоставите во следната тура корнишони.

Освен во кујната и како лек, ловоровиот лист е во служба и на убавината, па маслото се користи за масажа на мускулите и отстранување на знаците на замор. Исто така се користи и во лосионите за чистење лице, но и за проблематичната кожа подложна на акни.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија