Колку внимание заслужува рокот на траење?

Датумот што го читате на амбалажата понекогаш не дава буквално никаква информација околу безбедноста на храната. Кои намирници ги фрлате долго пред навистина да бидат неупотребливи?

Една студија спроведена во Германија покажува дека на годишно ниво просечен Германец фрла околу 82 килограми храна, Холанѓаните се малку подобри со 73 килограми по жител, а Британците со околку 71 килограм отпад од кујната. За жал или за среќа речиси половина (47% според истата студија) од тие отпадоци од храна може да се избегнат.

Меѓу многуте фактори кои придонесуваат за отпадот од кујните да тежи колку еден просечен маж се секако и кратките рокови на траење. Логиката на производителите најчесто е дека доколку стават пократок рок на амбалажата, потрошувачот побрзо ќе го фрли продуктот и ќе купи нов, па така еден куп исправни и безбедни производи завршуваат во кантата за ѓубре.

Што всушност значат датумите на амбалажите? „Рокот на употреба” е широк поим кој значи дека до назначениот датум прокуктот нема да ја промени бојата, вкусот, конзистенцијата и нутритивната вредност. Овој датум воопшто не ја посочува временската рамка по која продуктот станува небезбеден за конзумирање. 

Доколку храната спакувана во лимена амбалажа не се изложува на екстремно ниски и екстремно високи температури, практично нема рок на траење. Меѓутоа секоја сомнителна лименка, извиткана, подуена или зарѓавена не смее да се употреби.

Свежите јајца доколку се чуваат во фрижидер се употребливи 3-5 недели, а млекото до една недела по истекот на рокот, но секогаш проверувајте дали има промена во мирисот и вкусот.

Рокот на траење на житариците зависи од различни фактори, како што се назначениот датум на амбалажата, методот на подготовка и тоа како и каде производот се складира. Поради релативно ниската цена и едноставноста за користење, житариците се едни од најпопуларните зрна кога сме во потрага по брз појадок или по закуска на крајот од денот. Кутиите со житарици за појадок вообичаено имаат ознака “Рок на употреба до хххх”, а се работи за конзервативна претпоставка на производителот дека тој производ и понатаму има ист квалитет до наведениот датум. Но тие житарки ќе бидат свежи и безопасни за јадење и до три месеци по истекот на рокот на употреба.

Самите можете да придонесете житариците да останат свежи доколку ги чувате на ладно, суво и темно место. Откако се подготвени, житариците како на пример овес и гриз, треба да се чуваат во фрижидер во цврсто затворен сад за да не влегуваат и други загадувачи.

Мед, бел ориз, шеќер, сол, сушени легуминози, соја сос и јаворов сируп се намирници кои не се расипуваат. Дополнително на интернет може да најдете повеќе различни листи на продукти за да ја проверите секоја намирница која ве интересира. 

Најважно е да им верувате на вашите сетила. Секако доколку храната мириса лошо веројатно е расипана и треба да се фрли. Доколку забележите мувла веднаш фрлете ја храната. Месото кое е старо и расипано најчесто има лигава материја на површината и тоа значи дека треба да се фрли. Исто така, ако небезбедно сте ракувале со храната и сте ја чувале несоодветно не е препорачливо да се употребува.

Автор

BIOkult

Скопје

Македонија