Тенката граница помеѓу опсесивната здрава исхрана и нарушување во јадењето

Кога на здравата исхрана ѝ е потребна медицинска помош?!

Големиот интерес за здрава исхрана понекогаш може да има нездрави последици… 

Секогаш кога ќе започнете некаква диета или поздрав начин на исхрана треба да покажете доза на истрајност и посветеност, но понекогаш истрајноста и посветеноста можат да пречекорат една сива зона позади која се наоѓа психолошкото нарушување орторексија нервоза.

Овој термин е скован од страна на Д-р Стивен Братман и е склоп од префиксот „орто“ што означува точно, правилно и „орексија“ што значи апетит. Иако сè уште не постои како официјална дијагноза, сепак докторите и нутриционистите низ светот, сè почесто се среќаваат со пациети и клиенти каде опсесијата за здрава храна води до губење на телеснaта маса или/и малнутриција. Виз-а-ви на орторексијата каде пациентите се водени од идејата за здрава храна, анорексијата претставува пореметување каде што пациентот одбива секаква храна поради ирационален страв од дебелеење.

 

Она што ќе започне со пребарување по интернет и заинтересираност за здрава храна, готвење и пазарување од проверени места, може да заврши со преиспитување на органското потекло на биберот во омилениот ресторан, листа од само 10тина здрави намирници и чувство на вина секогаш кога ќе се изеде нешто што не се вклопува во стекнатата ментална слика за „здрава храна“.

Луѓето кои се засегнати со оваа состојба не се во потрага по слабеење, туку напротив, тие се преокупирани со избирање и консумирање на намирници кои тие ги сметаат за здрави и целосно избегнување на оние „другите“ кои за нив претставуваат нездрава опција. Со ова пацинтите се доведуваат во состојба на потхранетост и малнутриција која предизвикува дисбаланс во организмот, недостаток на протеини, витамини, минерали…

За поставување на една ваква дијагноза, треба да се исполнуваат повеќе критериуми. Трошењето на поголемиот дел од денот во пребарување на информации за составот и потеклото на сите продукти кои се користат во исхраната, ограничување на изборот на намирници, психолошки ефекти како страв и анксиозност при ограничен пристап до “здравите намирници” и видливи ефекти врз здравјето како резултат на начинот на исхрана во смисол слаба крвна слика, пореметување во менструален циклус, низок БМИ.

За разлика од сите други нарушувања во јадењето каде доминира женскиот пол, орторексијата почесто ја афектира машката популација. Третманот најчесто се состои од сеанси со специјалист, за пациентите подобро да разберат дека начинот на исхрана не ги дефинира како личности, дека храната иако е важна, сепак сочинува еден мал дел од животот, а некои други работи се побитни и каде ќе разберат што всушност е здрава храна според современата медицина.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија