Како и да свртиш, подебели сме од нашите родители…

Мајка ви на свадбата е вистинска манекенка, татко ви пак наликува на некој Олимпиец со мустачиња, а вие сте во вашите дваесети и во постојана борба со трите килца кои никако да ги симнете. Едно големо истражување од неодамна, покажа дека проблемот не е до вас и вашите здрави или нездрави навики, туку дека животот не е фер!

Испитани се навиките во исхраната на 36.400 возрасни во периодот помеѓу 1971 и 2008, а дополнително е истражена и физичката активност на 14.419 возрасни во периодот од 1988 до 2006. Резултатите сугерираат дека контролата на телесната тежина не зависи стриктно од исхраната и вежбањето, туку факторите кои дополнително придонесуваат за вишок килограми се малку посложени.

Рут Браун, доктор на науки од Јорк Универзитетот, вели бројките покажуваат дека со истиот калориски внес и со истата физичка активност денешните млади се за 10% подебели од младите во ’70 години.

Професор Џенифер Кук, исто од Јорк Универзитетот, обаснува дека одржувањето на оптималната телесна тежина не е проста математика како 1+1=2 туку, попатно има дополнителни фактори кои повеќе или помалку придонесуваат за тие 10%.

Што е сменето од ’70 до денес? Што е тоа што денешните генерации ги прави подебели? Како нè здебели новиот милениум?

Истражувачите го даваат следното објаснување. За почеток, во воздухот денес има далеку повеќе загадувачи, кои би можеле да имаат ефект врз телесната тежина, а исто така во оваа група е неизбежно да се спомнат и пестицидите и адитивите со кои денешната храна изобилува, но и штетните супстанци кои ги има во амбалажата и садовите.

Понатаму, користењето на антидепресиви, антибиотици и слични медикаменти е во драматичен пораст после ’80тите, а дел од овие лекови доведуваат до покачување на телесната тежина.

Како трет фактор се посочува микробиомот. Како што пишувавме претходно понекогаш е поважно правилно да го нахраните вашиот микробиом отколку самите себе. Овој термин се однесува на составот на микроорганизмите во вашиот дигестивен тракт. Истражувачите сметаат дека во последните децении заради измена на исхраната (јадеме повеќе месо од било кога често полно со антибиотици и хормони и користиме повеќе артефициелни засладувачи) доаѓа до измени во составот на бактерии во тој правец што стануваме поподложни на дебелеење.


Прочитајте повеќе за МИКРОБИОМОТ и како да го регулирате…


Под број четири треба да се спомне и стресот кој за жал претставува секојдневие за една млада просечна индивидуа.

Сепак, можеби одржувањето на здрава телесна тежина, поради условите во кои живееме, е малку поголем предизвик денес отколку во минатото, но во никој случај не е невозможно. Напротив, потрудете се да избегнете барем дел од пестицидите, медикаментите, антибиотиците кои ни се служат секојдневно. Намалете од месото и купувајте органска храна.

Викендите користете ги за да побегнете од урбаните џунгли и дишете свеж воздух на нашите прекрасни планини, возете велосипед или направете си план за рурален туризам и посетете некое село, некоја месност, некоја црква подалеку од градот.

Вежбајте дома или во теретана, истражувачите направиле уште една пресметка. Во ’70тите годишна чланарина во вежбална изнесувала околу 2800 денешни долари, што е тука некаде со денешниот трошок на годишно ниво. Така да тука немате оправдување.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија