Каде кечапот го шие доматот?

Детални содржински анализи немаме намера да правиме, ама постои една ставка која дефинитивно го прави кечапот и сите тие доматни, преработени пире производи поздрави од самиот претходник на истите. Навалете на кечапите од подрумските рафтови.

Доматот како зеленчук (или овошје, кој како го смета) има несомнено огромен нутриционистички потенцијал. Патлиџанче си е патлиџанче. Еден голем домат содржи скоро третина од препорачаната доза на витамин C, има добра количина на витамин B6, витамин А кој е есенцијален за добар вид и имуно здравје, железо, важно за крвта и калиум кој е добар за срцевата работа и крвниот притисок.

Со сево ова (а богами и со бројни други неспоменати работи) доматот може да игра важна улога во превенција на разни болести и состојби доколку редовно се консумира. Но, има една ставка која игра огромна канцер превентивна улога каде доматот ја губи битката во бројките со сите доматни процесуирани производи на полицата. Ликопен!

Ликопенот е фитонутрициенс од групата на каротеноиди кој ја дава дистинктивната црвена боја на доматите, а доматите се неприкосновени цареви во количеството на ликопен помеѓу сите други овошја и зеленчуци.

Меѓутоа, за разлика од другите нутрициенси како витамини и минерали кои се губат со различните видови на преработка, нивоата на ликопен во кечапот и другите доматни производи се зголемуваат со преработката за дури четири пати.

Ликопенот, кој делува како силен анти-оксиданс одлично стапува во битка против слободните радикали со што помага во превенирање на рак на простата, бели дробови и дебело црево, состојби како макуларна дегенерација и кардиоваскуларни болести.

Иако одредени студии велат дека дејството на оваа супстанца во превенирањето на овие болести сè уште не е докажана нема зошто да не го консумираме и доматот и кечапот во обилни количини бидејќи ликопенот нема никакви докажани штетни ефекти врз организмот, а воедно и нема горна граница на внесување.

Единственото што е негативно кај производите од полица се другите состојки како големите количини на сол и различните конзерванси кои може да ги содржат. Ако правиме муабет за домашно направен кечап или доматен сок слободно претерајте со консумација, па макар и едно bloody marry нема да дојде лошо.