Извозете го храбро емоционалниот ролеркостер

До вчера се потевме и ги колневме високите температури, а веќе денес наеднаш ни се втера есента сосе сивилото и дождот в коски. И сето тоа си има свое влијание, но за секој проблем си има и решение.

Сигурно, без разлика на кој пол припаѓате, имате некое чувство на тежок ПМС. Лошото расположение во корелација со лошите временски услови најчесто се препишува на зголемената влажност во воздухот, покрај падот на температурите и помалкуте часови светлина. 

Kога ќе се најдете на тој емоцинален ролеркостер, пред да го кренете носот и да се искарате со своите најблиски, мајки, татковци, љубовници, колеги, пријатели, за потоа да се фатите како плачете или сте паднале во депресија, свестете се дека тоа е само лошто време кое ви влијае и ви создава дополнителен стрес.

И пак да се вратиме на старата и проверена филозофија дека “храната треба да ни биде лек, а лекот храна”, преку стомакот можете да му се спротиставите, па дури и да го изигнорирате на сивилото што владее надвор и да си бидете сам свој Лили Ален во видеото за LDN

Најважно и задолжително е да појадувате. Луѓето кои што појадуваат имаат многу постабилно расположение во текот на денот, се способни за попродуктивна работа и полесно меморираат. Оптималниот појадок подразбира сложени јаглехидрати кои што ќе ви ја поткренат работата на мозокот уште рано рано, протеини кои ќе ве оджат сити до наредната ужина и едно или две овошје или зеленчук за доза антиоксиданси, витамини и диетални влакна. Простите шеќери трудете се максимално да ги избегнете.

Втор совет и помалку познат лек за лошото расположение е селенот. Освен што има улога во продукција и искористување на тироидните хормони, научниците откриле дека луѓето што преку исхраната не внесуваат доволно селен се склони кон нерасположение и депресија, а се смета дека македонската почва нема доволно од овој минерал. Најбогати со селен се бразилските ореви, морската риба и морските плодови. Исто така и лукот е одличен извор на селен, но кога зборуваме за емоциналниот ролеркостер, социјализацијата е неопходна, па така можеби лукчето треба да го резервирате за пред спиење.