Исхрана за побрзо заздравување на спортските повреди

Надробете си храна против повреди за да сркате побрзо опоравување!

Во додаток на советите од докторите да мирувате, да ја поткренете повредената нога/рака и мраз или локална криотерапија, соодветната комбинација на храна може да биде пресудна за брзото опоравување. Телото е како било која друга градба. Ако настане пукнатина, неопходен е материјал за да може да се поправи. Тој материјал за организмот е храната.

Овошјето и зеленчукот се задолжителни при повреди на меките ткива и ‘рскавиците. Витаминот Ц кој го има во огромни количини во зелените пиперки, киселата зелка, цитрусните овошја и брокулите, докажано го убрзува процесот на зараснување преку создавање на колаген, основен протеин за репарација на претходно споменатите ткива.

Витаминот А пак кој го добивате од морковите, спанаќот и ќељот во големи количини им помага на белите крвни зрнца да се изборат со потенцијалните инфекции, а секогаш кога имате отворена рана постои можност истата да се инфицира.

Месото како извор на протеини е задолжително при повреда на мускулното ткиво бидејќи ја дава основата за изградба на самите мускули. На секој атлет му се потребни околу 112 грами протеини дневно за оптимално заздравување, па држете се до оваа бројка за побрзо да се вратите на тренинг.

 Освен со протеините од месото, ако јадете риба ќе добиете и доза од омега 3 и 6 масните киселини кои го намалуваат воспалението во телото, особено погодно кај тендинитис (воспаление на тетивите).

Млекото и млечните производи се неопходни кај заздравување на коскени повреди. Високата содржина на калциум ќе овозможи повредената коска побрзо и подобро да се опорави. Исто така и витаминот Д е задолжителен за апсорпција на калциумот и коскеното здравје.

Во додаток на здравата храна и некој препарат на база на цинк ќе ви помогне против воспалението, бидејќи овој елемент има силно анти-инфламаторно дејство. Сепак немојте да претерате со цинкот бидејќи над препорачаните вредности од максимум 8-11 милиграми го намалува добриот ХДЛ холестерол и го супримира имуниот систем.