Храна од која може да се предозирате
Додека класичното “предозирање” со храна обично значи дека сте изеле повеќе отколку што ви држи стомакот и следуваат неколку часа на тешки постпрандијални тегоби, претерувањето со некои намирници може да доведе до посериозни последици.
Еве неколку примери за тоа дека некогаш може да претерате и некои намирници кои делуваат наивно…
МОРКОВИ
Изобилуваат со витамини, минерали и диетални влакна, но премногу моркови значи и премногу бетакаротени, кои се липосолубилни супстанци и може да се складираат во најповршинскиот слој од кожата. Состојбата се нарекува каротенемија, безопасна е и транзиторна за краток временски период, а во меѓувреме ќе изгледате како Умпа Лумпа од Чоколадната фабрика на Вили Вонка.
ТУНА И СУШИ
Рибата е одлична за надополнување на потребите од омега 3 масните киселини и протеини. Сепак премногу риба, особено од поголемите видови како туната може да доведе со предозираност со жива. Овој елемент во големи дози доведува до невролошки оштетувања, а особено претпазливи треба да бидат бремените жени и доилките. Ограниченото внесување на туна и суши е добра превенција за заштита од прекумерени нивоа на жива.
КОМБУХА
Овој ферментиран пијалок го нарекуват еликсир на долговечноста. Тоа е всушност зелен и црн чај со малку шеќер, преработен од страна на симбиоза од габички и бактерии до пијалок со многу витамини и полезни супстанци. Сепак комбухата, бидејќи се прави во домашни услови, понкогаш може да се контаминира со несакани габички и бактерии, а исто така пријавени се случаи на сериозни токсични реакции. Затоа се препорачува нејзината консумација да се ограничи на една чаша дневно.
КАФЕ
Иако функционирањето наутро е тешко без омилениот стимуланс, сепак претерувањето со кафе може да доведе до низа негативни ефекти. Кафето го стимулира нервниот систем кој делува енергетски, разбудува и ја подобрува координацијата. Кога ќе претерате со маѓичната напивка нус ефектите се инсомнија, срцебиење, тремор (тресење на дланки), гадење, повраќање. Ограничете ја консумацијата на кафе на максимални 2 шолји во текот на денот.
ВОДА
Оптималната хидратација е еден од постулатите за одржување на здраво тело и здрав дух, сепак постои и патолошка состојба која се нарекува интоксикација со вода. Оваа состојба е закана за спортистите подложени на долготрајни напори како што е маратонот, кога заради преголема консумација на течности и ненадокнадување на минерали доаѓа до нарушување а електролитниот баланс во организмот.
МУСКАТНО ОРЕВЧЕ
Дискретната арома од лесно зачинување со мускатното оревче е вистински празник за сетилото за мирис, но екцесивните количини од овој зачин може да предизвикаат психоделични ефекти и халусцинации заради што понекогаш се користи и како ефтина дрога. Иако дозите што се користат во кулинарството, па дури и оние огромни дози што доведуваат до халусцинации не се летални, сепак во историјата се запишани два случаи со смртен исход како резлутат на ингестија на големи количи мускатно оревче.