Екстра живот за неупотребените половинки

Иновативен дизајн со домаќинска и еколошка жичка…

Некои домаќинки не се од оние со сијаличка над глава кога треба да се употреби и втората половина од кромидот или лимонот, па несреќните половинки порано или подоцна завршуваат во канта. Изгледа во оваа група се и дизајнерките Адриен МекНиколас и Мишел Иванкович кои размислувајќи што да прават со остатоците од овошје и зеленчук доживеале “еурека” момент.

Food Huggers  се “нова лушпа” за несреќните половинки во вид на силиконски капачиња со повеќе димензии. Имаат голема еластичност, па така секое половинче може да си добие свое капаче и да стои подолго време свежо до искористувањето.

Замислата е Food Huggers да не бидат само уште една безпотребна кујнска алатка. Тргнувајќи од фактот дека на големо се троши пластична и алуминиумска фолија токму за истата намена, а неискористената храна исто така на големо се фрла, продуктот добива и еколошка жичка.

Освен тоа капачињата може да се користат и за затворање на стаклени и пластични шишиња и тегли. Food Huggers веќе се во продажба на официјалниот веб сајт.