Најважниот дел од оброкот е токму оној што не се дигестира

Колку иронично и да звучи насловот, во последно време се посилно се акцентира улогата на диеталните влакна во одржувањето на здрав дигестивен систем, контрола на апетитот и заштита од заболувања…

Диеталните влакна (ДВ понатаму во текстот) како составен дел од исхраната се сè поретко застапени во секојдневното мени од повеќе причини. Храната често е силно термички обработена и доаѓа до уништување на ДВ, исхраната се занова на брза и процесирана храна која речиси не содржи ДВ, сè помалку се јаде свежо овошје и зеленчук, семки и јатки кои се главен извор на диетални влака.

ДВ се витални за одржување на балансирана микрофлора. Иако не се преработуваат во дигестивниот систем, сепак еден дел е подложен на ферментација од страна на добрите бактерии кои ги населуваат цревата. Така се одржува баланас во интестиналниот сегмент, бидејќи здравата микрофлора оневозможува раст и развој на патогени микроорганизми, но и е одговорна за апсорпција на некои витални елементи како витамин Б12.

Од друга страна диеталните влакна имаат заштитна улога против низа на сериозни заболувања. Во директна врска со ДВ е работата на цревата и конзистенцијата на столицата, а индиректно ДВ го штитат дигестивниот тракт од појава на малигни заболувања. Некои студииги посочуваат ДВ како превентивна мерка за заштита од мозочен удар.

Храната која изобилува со ДВ е одличен избор за контрола на апетитот, затоа што има поголем волумен и лесно се остварува сигнализацијата на оската желудник – мозок дека потребата од храна е задоволена. Дополнително храната богата со ДВ најчесто има и низок гликемичен индекс т.е. обезбедува долготраен и стабилен извор на енергија.

Освен овошје и зеленчук во свежа форма, со кои за среќа во овој период е лесно да се обезбедите, вклучете почесто житарки и псеудожитарки како амарантот, киноата, хељдата, просото, пченката, пченицата, овес… 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија