Авокадо за срце и струк

Колку смешно и да звучи, авокадото всушност е една голема, масна, дебела бобинка, но ниту еден од овие епитети нема да ви се залепи и вам ако почнете редовно да го консумирате.

Всушност, можете да станете сè што е спротивно затоа што авокадото изобилува со здрави масти. Што значи тоа здрави масти и како со авокадо до подобар здравствен профил и повитка фигура?

Од групата на протеини, јаглехидрати и мастите, последниве сигурно најмалку ги посакувате во вашата чинија. Но не секои масти се исти, а не заборавајте и дека се есенцијални за функција на секоја клетка (па самата клеточна мембра е изградена од масни соединенија). Всушност, едноставно кажано, постојат добри и лоши масти, а авокадото е пакување од здрави, добри масни соединенија.

 

Експертите сметаат дека претераната употреба на хидрогенизираните растителни масла е меѓу главните фактори за покачување на холестеролот и појава на кардиоваскуларни заболувања. Од сите страни доаѓаат совети за консумирање на мононезаситени масни киселини, кои се пријателски насторени кон кардиоваскуларниот систем.

Авокадото е одличен извор на мононезаситената олеинска масна киселина и истражувањата покажуваат дека диета богата со авокадо доведува до намалување на лошиот ЛДЛ холестерол и зголемување на добриот ХДЛ холестерол. Со ваков липиден профил доаѓа до регулирање на крвниот притиснок и намалување на ризикот од коронарни заболувања.

Од друга страна здравите масти се добри за губење килограми. Мастите од авокадото претставуваат извор на бавно согорувачка енергија и самиот организам има тенденција овие масни соединенија попрво да ги согорува отколку да ги складира на струкот или бутовите. Заради подолготрајниот извор на енергија, апетитот подолго време ќе биде потиснат и вие подолго време ќе бидете енергични и сити.

И за крај, убавината доаѓа одвнатре. Исто така и кожата профитира дебело од ова овошје. Мастите се неоходни за одржување на влажноста во епидермалниот слој, а и витаминот Е со кој изобилува оваа „масна, дебела бобинка” и дава додатна убавина, сјај и антиоксидациска доза на кожата.