Another protein in the wall

Протеините! Човечките цигли, гитерки, тули, лесонитки всушност претставуваат основниот градивен материјал од кој е изградено нашето тело. После водата, тие се најзастапената супстанца во нашиот организам. Како и другите макроелементи, полисахаридите, липидите и нуклеинските киселини, протеините се важен дел од организмот и учествуваат буквално секаде. Со еден збор ПРОТЕИНИТЕ СЕ ЖИВОТ.

Тоа се биохемиски соединенија кои се изградени од еден или повеќе полипептиди типично завиткани во глобуларна или фиброзна форма и извршуваат одредени биолошки функции. Полипептидите пак се составени од еден линеарен полимерен ланец на аминокиселини меѓусебно поврзани со пептидни врски. Тие се есенцијални компоненти во исхраната и му помагаат на нашето тело да ги обновува мускулното и коскеното ткиво, да создава ново ткиво, да ги регулира хормоните и да го контролира метаболизмот како и во одбрана на организмот против разни заболувања.

Интересен факт: Најмалку 10,000 различни протеини ве прават и одржуваат такви какви што сте!

Многу протеини функционално претставуваат ензими кои ги катализираат (забрзуваат) биохемиските реакции па затоа тие се витални за метаболизмот. Исто така тие имаат и структурна или механичка функција, како што се актинот и миозинот кај мускулите и протеините во цитоскелетот, кој всушност претставуваат арматурата која ги одржува клетките во нивната форма. Други пак се важни во клеточната комуникација, имуните одговори и клеточните циклуси.

Основната градбена единица на протеините, како што кажавме, претставуваат аминокиселините. Постојат 23 аминокиселини од кои 14 нашето тело е способно да ги произведува, додека останатите 9 поради непостоење на правилните ензими истото не е способно за нивна синтеза. Со многубројно меѓусебно комбинирање на овие 23 аминокиселини организмот е способен за синтеза на разновидни и бројни протеини кои заземаат и одржуваат многубројни функции во живиот свет.

Иако постојат бројни биохемиски класификации земајќи ја во предвид структурата на амино киселините, од нутриционистичка гледна точка овие аминокиселини може да се поделат на есенцијални и неесенцијални аминокиселини во зависност од тоа дали организмот е, или не е, способен за нивна синтеза.