Наслов

Зошто бананата е еден од најдобрите „препарати” за опоравок по тренинг

Иако безбројните нови формули, напитоци и гелови се веќе добро воспоставени опции за исхрана и хидрирање во светот на спортот и рекреацијата, сепак, скромната банана со нејзините состојки, кога во прашање е јагленохидратниот внес при поголеми напори како и анти-воспалителните ефекти при опоравокот е се уште високо на врвот. 

Бананата е позната како еден од најстарите облици на спортска закуска богата со материи и супстанци кои даваат сила и енергија за активност, а сето тоа е природно спакувано во нешто што може да се носи в џеб.

Истата несомнено сè уште се наоѓа на првата листа на избор на многу спортисти, рекреативци, нутриционисти и спортски натпревари. Бананата има одличен баланс на јагленохидрати и минерали екстремно важни за телото кое се наоѓа во зголемено ниво на напор и работа. Јагленохидратите ги дополнуваат нивоата на гликоген во мускулите и даваат дополнителна сила за работа, а високите нивоа на калиумот ги надополнува интрацелуларните концентрации со овој минерал кој е екстремно важен во делот на правилното функционирање на мускулните контракции. 

Според информациите добиени од една поскорешна студија, бананата многу разумно и добро може да ги замени потребите за јагленохидрати при спортски активности и поголеми напори во споредба со спортските пијалоци и изотоници, а во однос на опоравокот после тренинг, таа дефинитивно дава ненадминливи резултати. 


Дополнително - Бананата е суперхерој сама по себе


Иако истата поседува мали количества на протеини и аминокиселини (просечно околу 1 грам протеин на банана) кои се сметаат за едни од најважните сегменти за мускулниот опоравок, сепак, нова мала студија направена на велосипедисти покажува дека ова овошје дава многу добра компонента во мускулниот опоравок. 

Имено, три групи на велосипедисти возеле 75-километарска патека каде за време на испитувањето едни пиеле само чиста вода, други пиеле вода и изотоник, а трети вода и банани (отприлика пола банана на 30 минути). 

Пред, во текот и по возењето на спортистите им било земано крв за анализи - конкретно правени биле испитувања за маркери на воспалителни процеси - метаболити, како и изолирани биле крвни клетки за да се испита активноста на одредени гени во поттикнувањето на воспалителните процеси. 

Очекувано било дека кај оние кои пиеле единствено вода, биле пронајдени најголеми количества на метаболити во однос на другите две групи кои имале многу „посмирени” метаболни профили.

Сепак, онаму каде бананата направила вистинска разлика било во потиснување на експресијата на одреден ген во крвните клетки кој стимулира продукција на ензимот COX-2 - кој пак, стимулира продукција на простагландини - супстанци кои го зголемуваат воспалителниот процес во телото. 

Со еден збор бананите делуваат против воспалително во телото и со тоа овозможуваат многу побрз и полесен опоравок на организмот по голем напор и истоштеност. 

Начинот на кој овошјето го постигнува овој ефект се уште не е познат. Единствен поголем проблем кој може да се сретне при поголемо внесување на банани е подуеноста и некои дигестивни проблеми поради големото ниво на диетални влакна. 

13 Април 2018

За авторот