Туна – Токсична трпеза?

Рибата на вашата трпеза може да e токсична! Не зборуваме за некои чудни и ретки отровни видови на риба кои се служат во специјални ресторани, туку за оние комерцијалните кои може да бидат и се дел од вашата исхрана! Затоа, внимавајте доколку сте од оние типови кои јадат големи количини риба неделно.

 

Рибите како хранителен производ се несомнено здрави. Тие е одличен извор на протеини како и здрави видови на масти кои го подобруваат нашето здравје и дефинитивно треба да бидат дел од нашата трпеза. Но!

Одредени видови риба содржат токсични количини на жива во нивниот организам, кои доколку пролонгирано се внесуваат преку исхраната може да остават незгодни последици врз нашето здравје.

Еколошкиот круг е едноставен. Живата е елемент кој нормално се наоѓа во природата, но во многу мали количини. Зголемената индустријализација на планетава доведува до испуштање на поголеми нивоа на жива кои, нормално, преку дождот паѓаат во водените акумулации и тамо се апсорбираат во живите организми.

Сите морски и речни станари примаат некое мало количество на жива во нив, но бидејќи поголемите риби ги јадат помалите, во организмот на предаторите нивото на жива е поголемо. Значи, што поголема риба толку поголемо количество на жива во нив!

Според NRDC (National Resources Defense Council) и EPA (Environmental Protection Agency) рибите како ајкула, сабјарка, раја, кралска скуша и големите видови на туна (bigeye и Ahi) содржат многу големи количини на жива и нивното консумирање треба да се избегнува особено од страна на бремените мајки и малите деца кои се највулнерабилни на овој токсичен метал. Препорачано е оваа група на луѓе максимално да консумираат до 1,5 порција месечно од овој вид на риба со што не би ја надминале опасната зона.

Помалите видови на риба како сардината, харингата, лососот, скушата (северно атлантска), речната пастрмка, лигните и ракчињата бидејќи се наоѓаат подолу во ланецот на исхрана имаат многу помали и безбедни вредности на жива и за нив скоро и да нема препорачана забрана за консумирање.

Овој вид на жива што се накалемува во ткивата на рибите е некојси посебен вид наречен метил-жива и тој е толку добро врзан за рибините протеини, што не постои начин за негово отстранување.

Метил-живата е особено токсична за новороденчињата и малите деца. Бидејќи организмот на новороденчињата е во брз развој и малите нивоа на жива консумирани било од нив или индиректно преку нивните мајки може да доведат до сериозни проблеми во развојот на детето. Може да настане намалување на моторните способности со задоцнето проодување и прозборување, како и спор ментален развиток.

Доколку пак количините на жива се преголеми тие може да доведат и до ментална ретардација, глувост и слепило кај малите деца! Кај возрасните пак тие може да допринесат во развивањето на срцевите заболувања.

Затоа, внимателно со одбирањето на рибата и секогаш консумирајте со усул и уживање!

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија