Црешофакти

Поткачи се на цреша оваа пролет

Ако екстремно ви фалат деновите кога со маалските детски „колеги” се пентаревте по околните комшиски црешни, не се двоумете, направете го тоа повторно, бидејќи има солидно здрави причини зошто!

За подобар сон

Црешите се едни од ретките видови на овошја кои го содржат хормонот мелатонин. Тој многу лесно се апсорбира и искористува од страна на телото, па така ги намалува телесната температура и го успорува метаболизмот со што ве подготвува за сон. Наредниот пат кога нема да можете да заспиете, наместо таблети, почастете се со чинија полна со природен мелатонин.

За здрави зглобови

Сè повеќе се фаворизира полезноста од црешите кај заболените од Гихт т.е. уричен артритис (подагра). Ова заболување се јавува заради хронично покачените нивоа на урична киселина и таложење на урати во зглобовите. Се поврзува со екцесивно внесување на протеини и алкохол. Повеќе студии докажале дека со козумирањето на 100-200г. цреши дневно се намалуваат воспалителните компоненти на ова заболување и се подобрува состојбата на зглобовите.

Моќен антиоксиданс

Богатството од витамини, особено Ц витаминот и пигментот антоцијанин со кој овие слатки задоволства изобилуваат, се одговорни за големиот антиоксидациски потенцијал. Антоцијанините го ослободуваат телото од слободните радикали и ги уништуваат штетните ензими во кожата и го спречуваат нејзиното стареење, па женската популација може да си додаде уште една екстра доза во своето мени.

За после напорен тренинг

Како финиш после напорниот тренинг една доза цреши ќе помогне во намалувањето на мускулните болки, ќе го минимизира мускулното воспаление, благодарение на погоре споменатите пигменти. И тоа колку потемно обоени цреши ќе изберете, толку повеќе антоцијаниди внесувате и го искористувате нивниот бенефит.