Со што ли ќе се офарбаме за Нова година?!

Не многу одамна на научниците им стана кристално јасно, а богами и на самата „библиотекарска” фела дека ако вечерта претераш со некој темен алкохол, сабајлето ќе го искусиш мамурлакот повеќе. Ама пусти мерак…

И на прво место ви светнува дека најопасното пијанство и мамурлак што некогаш сте го имале било од црвено вино. Не грешите, научниците тоа го докажаа, нема ништо понезгодно од мамурлак предизвикан од темни алкохоли.

Една студија докажа дека што потемен е самиот алкохол со кој вечерта ќе претерате позезнат ќе биде сабајлечкиот мамурлак. Значи, многу понезгодно ќе ви биде ако претерате со црвено вино или виски одколку со вотка или џин.

Е сега стоп. Други пак научници од Универзитетот Браун во New England докажале дека ако претераш со некој светол алкохол (вотка, бело вино), можеби нема да се чувствуваш толку претепано сабајлето, но сепак нема да можете да функционирате на работа исто како и оние кои пиеле виски! Така да, ако здраво се претера, сабајлечката препарираност како и да е не ви бега.

Сиот овој муабет со полош – подобар мамурлак има врска со хемикалиите кои ги содржи пијалокот. Пример, вискито е докажано дека содржи 37 пати повеќе хемикалии и нус продукти од вотката. Тука спаѓаат ацетонот како растворувач, разни масла и танини. Штетните продукти се нарекуваат со едно име congeners се дел од причината зошто наредниот ден луѓето се чувствуваат лошо.

Според професорите на Универзитетот Браун, алкохолот сам по себе е доволно штетен и предизвикува мамурлак во утрото, а не па кога тој ќе биде искомбиниран со додатни токсични и штетни материи.

За научната мамурна кауза беа пријавени 95 мажи и жени, тешки, но здрави уживатели на алкохол кои беа тестири за тоа како на мамурлакот делувале различните видови на алкохол. Им било давано да пијат бурбон, вотка или плацебо.

Резутатите покажале дека без разлика дали ноќта си пиел виски или вотка, сабајлето ќе бидеш буквално бескорисен, но разликата била во тежината и големината на мамурлакот. Оние што пиеле темни алкохолни пијалоци преживувале далеку потежок мамурлак од другите.

Сега на вас останува што ќе одберете како главен пијалок за Новава година и дали тоа воопшто ќе биде алкохол.  Како и да е, не претерувајте!