Комши, ела на кафе

Јасно нека знаат сите кафеџии (и оние не толку кафеџии) дека сè повеќе се докажуваат позитивните во споредба со негативните страни на пиење на оваа магична напивка. Затоа напред со ѓезвињата, филџаните и кафематите во потрага по добро кафе.

Кафето не е прв пример каде претходните искази за негативното влијание на некој продукт врз здравјето тотално се поништуваат и отфрлаат. Истата судбина ги снајде чоколадото и алкохолот, но сепак се докажа спротивното.

Обвинувано на различни начини, од фамозната и смешна изјава „Ќе ти порасне опашка“ наменета за лажење на мали деца па се до посериозните искази дека предизвикува срцеви проблеми и рак, кафето истрајно ја издржа борбата и сè уште е присутно на нашето дневно мени. И нема причина за тоа да не биде така!

Најновите студии покажуваат дека генерално не може да се најде конекција помеѓу консумирање на кафе и зголемен ризик од срцеви заболувања и канцер.

Постарите истражувања кои го докажувале спротивното, скоро никогаш не ги земале во предвид другите високо ризични фактори асоцирани со тешките кафеџии како пушењето и неактивноста. Сето тоа довело до негативни податоци за кафето врз нашето здравје.

Сепак постојат одредени факти кои што треба да се наведат. Претераното внесување на нефилтрирано (турско) кафе може да доведе до мало покачување на холестеролските нивоа во крвта.

Исто така, одредена ретка група на луѓе со специфични генетски мутации кои го намалуваат метаболизмот на кафеинот се под ризик од срцеви заболувања. Сепак генералниот консензус е дека две кафиња дневно нема да ви наштетат.

Најновите податоци велат дека кафето може позитивно да влијае врз вашиот организам, штитејќи ве од Паркинс, деменција, дијабетес тип 2, рак на црниот дроб, аритмија, мозочен удар (посебно жените) и Алцхајмерова болест.

Сето ова поради богатата антиоксидансна моќ која ја содржат овие зрна. Стимулансното дејство веќе ни е добро познат благодет на оваа напивка која не подига од кревет, ни ги расчистува мислите и не прави поконцентрирани и поефективни на работа.