Aлтернативно млеко

За сите што постат, а им фали млеко, за сите интолерантни на лактоза и секако за сите вегани, ова се неколку замени на млекото од животинско потекло, а пропратно со многу здравствени придобивки за вас…

БАДЕМОВО МЛЕКО

Не содржи холестерол и има низок гликемичен индекс, што го прави добар избор за дијабетичари. Бадемите се одличен избор на калциум, минерал важен за коските и витамин Е неопходен за здрава и блескава кожа. Купечките варијанти често се засилени со дополнителни витамини и минерали, но секогаш може да си направите и дома.

Потребни ви се околку 200 грама бадеми за да добиете 1 литар млеко, процесот е сличен како и оној со кокосовото млеко што е објаснет подолу, бадемите се киснат преку ноќ, се лупат, се блендираат и се прецедуваат, а остатокот го користите за се вкусно што ќе ви падне на памет…

КОКОСОВО МЛЕКО

Можете да најдете класично кокосово млеко кое е спакувано во конзерва и има цврст и течен дел или кокосов млечен пијлок кој изгледа исто како млеко, но со својот вкус ве транспортира на некоја тропска плажа. Кокосовото млеко може да биде добар избор на магнезиум, калциум и витамин Д бидејќи најчесто истото се засилува со овие минерали и витамини. 

Претставува и добар избор на заситени масни киселини во споредба со другите алтернативни млека, а оваа група на масти е есенцијална за развој на нервниот ситем кај децата и за подобрување на имуниот ситем кај возрасните. 


 ЗБОР ДВА ЗА КОКОСОВОТО МАСЛО 


Одличен избор за сите кои постат, интолерантните на лактоза, лица со алергија на млеко, млечни производи. Генерално безбедно за алергични на соини и јаткасти продукти. Препорачливо за вегани и вегетаријанци. 

 
  • 200 g кокосови снегулки
  • 1 литар топла вода
  • блендер
  • длабок сад
  • газа за прецедување
 

Направете си сами кокосов млечен пијалок на следниот начин.

Една кесичка кокосови снегулки ја потопувате во врела вода, оставате да кисне преку ноќ, а потоа интензивно се блендира. Постапка е иста за сите домашни алтернативни млека.

Се прецедува низ газа и течноста е вашиот кокосов млечен пијалок кој одлично оди со житарки, во смути, во колачи… сувата материја ја сушите во плех на хартија за печење и повторно си ја добивате потрошената кесичка кокосови снегулки. Економично, нели?

МЛЕКО ОД ИНДИСКИ ОРЕВИ

Со својот сладок вкус, млекото од индиски ореви е вистинска вкусна и здрава опција кога избегнувате млеко од животинско потекло. Како прво содржи многу помалку калории во споредба со другите млека, од 25-35 калории во една шолја, а како второ индиските ореви, научно докажано, предизвикуваат насмевки

Млекото од индиски ореви се прави на исти начин како и бадемовото или го купувате готово. Изобилува со мононезаситени масни киселини за кои се смета дека имаат протективен ефект врз кардиоваскуларниот систем, преку намалување на ЛДЛ холестеролот во крвта.

МЛЕКО ОД КОНОП

Најкарактеристично обележје по кое конопот е познат во нутритивните кругови е протеинскиот состав во ова навидум обично семе. По својот протеински состав конопот се споредува со млекото, јајцето, месото и сојата и претставува комплетен протеин т.е. ги содржи сите есенцијални амино киселини. Се вбројува во погодни извори на протеини за вегетаријанци и вегани, па какво е семето такво е и млекото.

Исто така изобилува со омега 3 масни киселини кои го намалуваат ризикот од срцеви заболувања. Коноповото млеко е добар извор и на железо.

ОРИЗОВО МЛЕКО

За разлика од претходното, кое е одличен извор на протеини, за оризовото би рекле дека е одличен извор на јаглехидрати, особено погодно за утринското смути или овесната каша, кога енергијата од шеќерите ви е најпотребна за да го стартувате денот.


 ДАЛИ БЕЛИОТ ОРИЗ Е НАВИСТИНА ТОЛКУ ЛОШ?


Како и претходно набројаните, може да си го купите од продавница, со тоа што најчесто производителите ги засилуваат млеката со витамини и минерали, или да си направите дома. 200 грама сварен ориз (бел или кафеав по ваша желба) и 1 литар вода се блендираат интензивно, а потоа се прецедува низ газа и добивате ваше домашно оризово млеко.

СОИНО МЛЕКО

Млекото од соја е богат извор на протеини и заедно со конопот се на врвот од најбогатите ризници на аминокиселини што немаат животинско потекло. 250 мл соино млеко ви обезбедуваат околку 6-8 грама протеини, што е иста коичина како и една чаша кравјо млеко. Соиното млеко е добар извор на селен, бакар и магнезиум.

Содржи големи колични на изофлавони кои често се извор на контрадикција во научните кругови. Она што се знае е дека овие супстанци имаат ефект сличен на естрогените хормони во телото. Додека од една страна се смета дека се полезни за олеснување на симптомите од менопауза, од друга страна се поврзуваат со подобрување, но и влошување на некои видови рак. Истражувањата се во тек.

Која е вашата омилена варијанта на алтернативно млеко?

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија