Златното ски школо на Америка

Шампионите во белиот спорт не се раѓаат по случајност туку минуваат низ долги години на калење и трансформација, а каде подобро ако не во средно школо кое е специјализирано за растење на млади зимски олимписки атлети?

Во 1994 година во државата Јута се отвара зимското спортско школо во гратчето Парк Сити кое се наоѓа веднаш под три огромни скијачки центри. Своевремено, во 2002 година ова беше и епицентарот на збиднувањата во скијање и сноуборд за време на зимските олимписки игри во Солт Лејк.

Колеџот е оформен од група на родители поради потребата за училиште во кое би се образувале исклучиво млади зимски спортисти со оглед на специјалните потреби кои ги бара белиот спорт (многу трошоци за патувања, соодветни стази за тренинзи итн.). Во минатото овој колеџ бил приватен и школувањето во него било екстремно скапо, но од оваа пролет, тој е целосно бесплатен за државјани на Јута, а се плаќа мала школарина за останатите.

Имено, школувањето на овие млади пубертетлии е исклучително професионално. По одреден период тие се вклучуваат во одделните отсеци според нивната спортска дисциплина (ги има сите зимски олимписки дисциплини), а школската година е целосно прилагодена на потребите за дополнителни напорни тренинзи. Таа трае од април до ноември каде што се сконцентрирани на теоретскиот дел и дополнителните тренинзи за во зимскиот период целосно да се посветат на својот спорт преку натпревари и тренирање.

Со ваквиот пристап на школување, тренирање и посветеност генерациите на професионални спортисти кои се вадат од оваа американска образовна машина во понатамошниот живот имаат огромна шанса и можност да застанат на некој од олимписките пиедестали.

Токму од ова школо се излезени златните Џулија Манкузо и Тед Лигети како и дузина други сериозни спортисти кои досега имаат освоено вкупно 6 олимписки медали од кои 2 златни. Само за споредба, САД на ЗОЛ досега има освоено вкупно 28 медали од кои 9 златни, а Велика Британија за пример има 4 вкупно од кои 1 златен.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија