Замина легендарниот Фред Беки

Само недела откако документарниот филм „Одметник – Легендата за Фред Беки” беше прикажан на нашиот Ехо – планински филмски фестивал (каде и доби Гран При награда), качувачката икона на нeгови 94 години почина. 

Роден е на 14.01.1923 година во Дизелдорф, Германија откаде заедно со неговите родители мигрираат за Сиетл, САД. Започнува со планинарење уште од дете кога се зачленува во „Извидници”, а подоцна и во планинарско друштво каде ги учи основите на планинарењето и алпинизмот.

„Имав 13 години кога прв пат сам го качив Боулдер Пик во Олимпик Маунтинс – и може да кажам дека од тогаш па наваму не престанав да качувам. За мене, потребата за качувањето произлегува од повеќе извори: од копнежот за бегство од вештачкиот цивилизиран ред, потреба за благосостојба и преиспитување на моите пропорции. Кога качуваш се осеќаш ослободен од сите стеги.” – изјавува Беки.

На 19-годишна возраст со неговиот брат Хелмут тие сами го прават првото повторување на Маунт Вадингтон 4,019 м.н.в – врв во Бритиш Колумбија кој претставува сериозен алпинистички и логистички подвиг. 

Фред се смета за еден од најлегендарните и најконзистентни истражувачи на планинските врвови низ целиод свет (особено во САД и во пределот на Каскадните планини) кој практично целиот негов живот го има посветено на планинарењето и качувањето, но и на нотирањето и архивирањето на еден куп важни информации за сите насоки кои подоцна се искористуваат за важни книги и водичи. Тој неофицијално се смета за светски рекордер во поставени нови насоки и искачувања. 

Во текот на седум декади, преку неговата посветеност и фанатичност за качување тој успева да искачи повеќе првенствени насоки од било кој друг искачувач на светот, од кои најголем број и ден денес се класики. Иако поради неговиот стил на живот тој се стекнува со прекарот „Одметник” (dirtbag), сепак неговата пасија – планината и искачувањата ја пренесува на хартија преку исклучително прецизни записи и дневници. 

Автор е на повеќе книги и водичи за качување главно во САД. Прва книга во колаборација со Маунтиниринг Букс му е – Guide to Leavenworth rock-climbing areas, во 1965 година ги пишува Cascade Alpine Guide сериите 1, 2 и 3, а автор е и на: Mountains of North America, The Range of Glaciers: Exploration and Survey of the North Cascades, Mount Mckinley: Icy Crown of North America и Challenge of the North Cascades.

Во 2015 година тој се здоби со наградата за животно дело во планинарскиот свет – The Mountaineers Lifetime Achievement Award, а во последните скоро 2 декади со него беше сниман документарниот филм „Одметник – Легендата за Фред Беки”. 

Тој почина од природна смрт на негови 94 години во неговиот дом. 

Погледнте нешто повеќе за Фред на следното видео.  

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија